Освен на денешницата, мисли и на иднината
„НЕ ГРИЖЕТЕ СЕ за утрешниот ден“, рекол Исус Христос во својот познат говор што го одржал на една гора во Галилеја. А потоа додал: „[Утрешниот ден] ќе се погрижи за себе“ (Матеј 6:34, Радосна вест).
По твое мислење, што сакал да каже со зборовите „[утрешниот ден] ќе се погрижи за себе“? Дали препорачал да живееме од денес за утре и да не мислиме многу за иднината? Дали ќе дојдеме до тој заклучок ако ги познаваме верувањата на Исус и на неговите следбеници?
„Престанете да се грижите“
Ако имаш Библија, прочитај ги и самиот зборовите на Исус во Матеј 6:25-32. Меѓу другото, тој рекол: „Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете... Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни... Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку? Исто и за облеката, зошто сте загрижени? Гледајте ги полските кринови како растат! Ниту се мачат ниту предат... Затоа немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“.
Овој дел од својот говор Исус го завршил со два совета. Прво: „Барајте ги најнапред царството [на Бог] и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“. И второ: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:33, 34).
Вашиот Татко знае што ви е потребно
Мислиш ли дека Исус сакал да им каже на своите ученици, меѓу кои имало и земјоделци, дека нема потреба ‚да сеат, да жнеат и да собираат во амбари‘ и дека не мора ‚да се мачат и да предат‘ за да си ја направат потребната облека? (Изреки 21:5; 24:30-34; Проповедник 11:4). Се разбира дека не. Ако не работеле, „во времето на жетвата“ ќе требало да просат, зашто ќе немале што да јадат и да облечат (Изреки 20:4).
А што мислел Исус со она што го кажал за грижите? Зар сметал дека неговите слушатели не би требало да се грижат за ништо? Тоа би било нереално. И самиот тој доживеал голема душевна болка и бил многу загрижен ноќта кога бил уапсен (Лука 22:44).
Исус едноставно кажал нешто за кое сите ние сме свесни дека е вистина: со тоа што премногу ќе се грижиме нема да ги решиме проблемите. На пример, тоа сигурно нема да ни помогне да живееме подолго. Исус рекол дека нема да ни го продолжи животниот век „макар малку“ (Матеј 6:27). Напротив, долготрајните грижи можат само да ни го скратат животот.
Исусовиот совет бил извонредно практичен. Многу од работите за кои се секираме нема никогаш да се случат. Британскиот државник Винстон Черчил дошол до истиот заклучок во врска со мрачниот период на II светска војна. Тој напишал: „Кога ќе помислам за што сѐ сум се грижел, веднаш ми текнува приказната за старецот кој на умирање рекол дека во животот се секирал за многу работи, од кои повеќето никогаш не се случиле“. Навистина, паметно е да не се преоптоваруваме со тоа што би можело да биде, особено кога притисоците и проблемите со кои се соочуваме би можеле да предизвикаат кај нас преголема загриженост.
„Барајте го најнапред Божјето царство“
Освен на физичката и емоционалната благосостојба на своите слушатели, Исус мислел и на уште нешто. Тој знаел дека човек што се мачи да ги задоволи основните потреби, или има преголема желба да купува и да се забавува, може лесно да заборави нешто што е многу поважно во животот (Филипјаните 1:10). Можеби си мислиш: ‚Што може да биде поважно од борбата за храна, облека и покрив над главата?‘ Одговорот е: духовните работи кои се поврзани со нашата служба за Бог. Исус нагласил дека на прво место во животот треба да ни бидат ‚Божјето царство и Божјата праведност‘ (Матеј 6:33).
Во деновите на Исус, многу луѓе трчале по материјални работи. Најважно им било да стекнат што поголемо богатство. Меѓутоа, Исус ги поттикнал луѓето што го слушале да не бидат такви. Бидејќи како народ му се заветувале на Бог, најважното нешто требало да им биде ‚да се бојат од вистинскиот Бог и да ги држат неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13).
Оној што ќе се преокупира со материјалните работи, односно со „грижите од овој свет и [со] примамливото богатство“, ќе пропадне духовно (Матеј 13:22). Апостол Павле напишал „Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст“ (1. Тимотеј 6:9). За да им помогне да ја избегнат таа „замка“, Исус ги потсетил своите следбеници дека нивниот небесен Татко знае дека сето тоа им е потребно. Бог би се грижел за нив исто како што се грижи за „птиците небесни“ (Матеј 6:26, 32). Наместо да се секираат од што ќе живеат, тие би требало да направат толку колку што можат, а останатото со доверба да го остават во Јеховини раце (Филипјаните 4:6, 7).
Кога рекол „[утрешниот ден] ќе се погрижи за себе“, Исус само сакал да каже дека не треба на нероден Петко капа да му кроиме, зашто со тоа ништо нема да си помогнеме, туку само ќе си отежнеме. Во еден друг превод на Библијата тој стих гласи: „Не грижи се за утрешниот ден; тој ќе има доволно свои грижи. Нема потреба да си ја зголемиш маката што секој ден ја носи со себе“ (Матеј 6:34, Today’s English Version).
„Да дојде царството твое“
Има голема разлика меѓу човек што не се грижи претерано за иднината и човек што воопшто не се интересира за неа. Исус никогаш не им дал совет на своите ученици воопшто да не мислат на иднината. Напротив, ги поттикнал да мислат и на тоа. Точно дека требало да се молат за своите основни потреби — секој ден да имаат леб. Меѓутоа, пред сѐ требало да се молат за она што го очекувале во иднина — да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја и на Земјата (Матеј 6:9-11).
Ние не треба да бидеме како луѓето од времето на Ное. Тие биле толку зафатени со ‚јадење и пиење, со женење и мажење‘ што ‚не обрнувале внимание‘ на она што требало набрзо да се случи. Какви биле последиците? ‚Дошол потопот и ги однел сите‘! (Матеј 24:36-42). Апостол Петар го употребил тој историски настан за да нѐ потсети дека треба да мислиме на иднината. „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне“, напишал тој, „вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:5-7, 11, 12).
Собирајте си богатство на небото
Ако мислиме на иднината, ќе ‚го имаме на ум Јеховиниот ден‘. Тоа во голема мера ќе влијае врз начинот на кој го користиме своето време, сили, таленти, материјални средства и вештини. Не треба да сме толку преокупирани со материјалните работи — било тие да ни се неопходни било да се само пожелни — што ќе ни остане малку време за дела со кои покажуваме ‚дека сме му оддадени на Бог‘. Можеби ни се чини дека, кога се концентрираме само на денешницата, веднаш имаме некаква корист. Но, ако ништо друго, таа корист ќе биде краткотрајна. Многу попаметно е, како што рекол Исус, ‚да си собираме богатство на небото‘ наместо на Земјата (Матеј 6:19, 20).
Исус ја нагласил таа мисла во својата споредба за човекот што си направил големи планови за иднината. Но, во тие планови немало место за Бог. Нивите на тој човек биле многу родни, па затоа одлучил да ги урне своите амбари и да изгради поголеми. Сакал потоа да живее удобен живот, да јаде, да пие и да ужива. Што имало лошо во тоа? Не дочекал да ужива, зашто умрел. Што е уште полошо, не изградил близок однос со Бог. Исус заклучил со зборовите: „Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:15-21; Изреки 19:21).
Што можеш да направиш ти?
Не прави ја истата грешка што ја направил човекот од Исусовата споредба. Дознај што подготвил Бог за во иднина, и целиот твој живот усогласи го со тоа. Бог не ги оставил луѓето во незнаење и им кажал што ќе направи наскоро. Пророкот Амос од старо време напишал: „Севишниот Господар Јехова не прави ништо ако не им ги открие своите тајни на своите слуги, пророците“ (Амос 3:7). Она што Јехова го открил преку своите пророци може да се прочита во Библијата, која е напишана под негово водство (2. Тимотеј 3:16, 17).
Меѓу другото, Библијата ни открива дека, во блиска иднина, на целата Земја ќе се одигра еден настан со досега невидени размери. Исус рекол: „Тогаш ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега“ (Матеј 24:21). Нема човек што може да го спречи тој настан. Вистинските слуги на Бог воопшто и немаат желба да го спречат. Зошто? Затоа што со тој настан Земјата ќе биде исчистена од сето зло, а потоа ќе има „ново небо и нова земја“, што значи дека ќе има нова влада на небото и ново општество на Земјата. Во тој нов свет, Бог „ќе ја избрише секоја солза од... очи[те на луѓето] и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:1-4).
Тогаш, зарем не е логично да одвоиш време за да испиташ што вели Библијата за тој развој на настаните? Дали ти треба помош? Замоли ги Јеховините сведоци да ти помогнат. Или, пиши до издавачите на ова списание. Без одлагање, гледај да не живееш само од денес за утре, туку мисли и на прекрасната иднина.
[Слики на страница 7]
„Престанете да се грижите... утрешниот ден ќе си има свои грижи“