Приближи му се на Бог
Тој „не е далеку од никого од нас“
ВО СПОРЕДБА со бескрајната вселена, луѓето се многу ситни и безначајни. Можеби си се прашал: ‚Дали е навистина можно луѓето да бидат блиски со Семоќниот Бог?‘ Тоа би било можно само ако Бог, кој се вика Јехова, сака да бидеме блиски со него. А дали тој го сака тоа? Утешен одговор ќе најдеме во силните зборови што им ги кажал апостол Павле на учените Атињани, а се запишани во Дела 17:24-27. Забележи кои четири работи ги кажал Павле за Јехова.
Прво, Павле рекол дека Бог „го создаде светот и сѐ што е на него“ (24. стих). Благодарение на убавината и разновидноста можеме да уживаме во животот, и тие се доказ за тоа колку е обѕирен и колку нѐ сака нашиот Создател (Римјаните 1:20). Би било апсурдно да мислиме дека еден таков Бог би одлучил да не биде близок со оние што ги сака.
Второ, Јехова „им дава на сите живот и здив и сѐ“ (25. стих). Јехова нѐ одржува во живот (Псалм 36:9). Воздухот, водата и храната, без кои не може да има живот, се дарови од нашиот Творец (Јаков 1:17). Тоа што можеме да го запознаеме Бог и да бидеме блиски со него се исто така дарови. Дали е разумно да мислиме дека нашиот дарежлив Бог нема да ни ги даде и овие дарови?
Трето, Бог „од еден човек го направи целиот човечки род“ (26. стих). Јехова не е пристрасен и нема никакви предрасуди (Дела 10:34). А зар е можно да е поинаков? Тој создал „еден човек“, Адам, од кого потекнуваат сите народи и сите раси, и „сака најразлични луѓе да се спасат“ (1. Тимотеј 2:4). Затоа, можеме да бидеме блиски со него независно од нашата боја на кожата, националноста или етничкото потекло.
И четврто, Павле кажал една многу утешна вистина: Јехова „не е далеку од никого од нас“ (27. стих). Иако е возвишен, Јехова е секогаш пристаплив за оние што искрено сакаат да бидат блиски со него. Неговата Реч нѐ уверува дека тој не е далеку од нас, туку „е близу до сите што го повикуваат“ (Псалм 145:18).
Од она што го рекол Павле е јасно дека Бог сака да бидеме блиски со него. Меѓутоа, тој е близок само со оние што се спремни „да го бараат“ и „да го напипаат“, објаснил Павле (27. стих). Во еден прирачник за преведувачи на Библијата стои дека „и едниот и другиот глагол изразуваат реална можност... или остварлива желба“. Да дадеме еден пример: Иако во темна соба која ти е добро позната напипуваш за да го најдеш прекинувачот за светло или вратата, ти знаеш дека ќе успееш. Слично на тоа, ако искрено го бараме Бог и се трудиме ‚да го напипаме‘, можеме да бидеме сигурни дека ќе успееме во тоа. Павле нѐ уверува дека ќе ‚го најдеме‘ (27. стих).
Сакаш ли да бидеш близок со Бог? Ако со вера почнеш ‚да го бараш Бог‘ и се трудиш ‚да го напипаш‘, нема да се разочараш. Не е тешко да го најдеме Јехова, бидејќи тој „не е далеку од никого од нас“.