Поглавје 13
„Речта Божја е жива“
Во претходното поглавје видовме дека библискиот совет може да ни помогне да решаваме проблеми и да избегнуваме грешки. Мудроста на библискиот совет, која не подлежи на времето, е силен доказ за инспирираност. Самата Библија вели: „Сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за воспитување во праведност“ (2. Тимотеј 3:16, NW). Но, Библијата прави нешто повеќе отколку само да ни дава мудар совет. Како Реч Божја, таа навистина ги менува луѓето.
1-3. а) Како Библијата ја нагласува потребата од промени во личноста? б) Кое искуство ја покажува моќта на Библијата да ги менува личностите?
МОЖЕ ли Библијата вистински да ги менува луѓето? Да, таа може да ја промени дури и нивната личност. Размисли за следниов совет што е запишан во Библијата: „Треба да ја отстраните старата личност која одговара на вашиот поранешен начин на однесување и која се распаѓа по своите измамнички желби; туку . . . треба да бидете обновени во силата која го покренува вашиот ум, и треба да ја облечете новата личност која е создадена според Божјата волја, во вистинска праведност и лојалност“ (Ефесјаните 4:22—24, NW).
2 Дали навистина е можно да се облече една нова личност? Да, можно е! Всушност, станувањето христијанин понекогаш вклучува драматични преиначувања во личноста (1. Коринтјаните 6:9—11). На пример, едно момче во Јужна Америка останало сираче на девет години. Растејќи без родителско водство, кај него се развиле сериозни проблеми во личноста. Тој раскажува: „До времето кога наполнив 18 години, јас бев потполно зависен од дрога и веќе имав лежено в затвор затоа што крадев за да ја поддржам таа зависност“. Но, неговата тетка била Јеховин сведок и на крајот можела да му помогне.
3 Тој објаснува: „Тетка ми почна да ја проучува Библијата со мене и после седум месеци можев да прекинам со дрогирањето“. Прекинал и со своите претходни другари и стекнал нови пријатели меѓу Јеховините сведоци. Тој продолжува: „Овие нови другари, заедно со моето редовно проучување на Библијата, ми овозможија да напредувам и на крајот да го предадам својот живот на Бог за да му служам“. Да, овој поранешен наркоман и крадец станал активен христијанин, а оваа коренита промена била постигната преку моќта на Библијата. Навистина, како што вели апостол Павле, „речта Божја е жива и има моќ“ (Евреите 4:12, NW).
Променети преку спознанието
4, 5. Според Колосјаните 3:8—10, што е потребно за да се негува новата личност?
4 Како Библијата ги менува луѓето? Одговорот се гледа од следниов библиски стих: „Отстранете ги од себе сите нив — гневот, лутината, лошотијата, погрдниот говор и безобразното зборување од својата уста. Не лажете се еден со друг. Соблечете ја старата личност со нејзините постапки, а облечете ја новата личност која се обновува преку точно спознание според сликата на Оној, кој ја создал“ (Колосјаните 3:8—10, NW).
5 Забележи колку важна улога игра точното спознание од Библијата. Библијата објаснува кои карактерни особини треба да ги отфрлиме а кои да ги негуваме. Таквото спознание, само по себе, може да има силно влијание, како што утврдил еден млад човек од јужна Европа. Тој имал еден вистински проблем: насилнички темперамент. Додека растел, постојано запаѓал во тепачки и, како оддишка на својата насилност, почнал да се боксува — но сѐ уште не можел да ја контролира својата насилничка природа. Кога бил во војска, западнал во неволја затоа што истепал еден друг војник. Откако излегол од војска, се оженил, но тогаш ја тепал жена си. Во една семејна расправија го удрил дури и сопствениот татко, соборувајќи го на под. Навистина лут, насилен млад човек!
6, 7. Како точното спознание од Библијата му помогнало на еден млад човек од јужна Европа да ја промени својата личност?
6 Меѓутоа, подоцна ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и слушнал еден ваков совет: „Никому не враќајте зло за зло . . . Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев“ (Римјаните 12:17—19). Ова му помогнало да сфати колку лоша слабост е неговиот насилнички темперамент. Се откажал од боксот, за кој сфатил дека не е во склад со мирољубивата христијанска личност. Но, сѐ уште водел вистинска борба со својата насилничка природа.
7 Меѓутоа, неговото зголемено спознание за библиските начела му помогнало. Тоа ја подобрило неговата совест, која за возврат дејствувала против неговиот брз темперамент. Во една прилика, откако постигнал одреден напредок во своето проучување на Библијата, некој непознат се разлутил и му се развикал со навредливи зборови. Младиот човек почувствувал како му надоаѓа познатиот гнев. Но, потоа почувствувал една друга сила: чувството на срам; и тоа го спречило да ѝ подлегне на лутината. Наместо да ‚врати зло за зло‘, тој го контролирал својот дух. Сега е друг човек, со една нова личност, благодарение на точното спознание од Библијата.
Да се запознае Бог
8. а) По чија слика е направена новата личност? б) Спознанието за кого мора да го вклучува точното спознание кое ја обликува новата личност?
8 Навистина, многу луѓе знаат што е исправно да се прави, но им попуштаат на телесните слабости. Јасно е дека само поседувањето точно спознание за она што е исправно и погрешно не е сѐ што е потребно. На двајцата поединци што беа претходно споменати им помогнало уште нешто за да се променат. Што било тоа? Претходно споменатиот библиски стих гласеше: „Облечете ја новата личност која се обновува преку точно спознание според сликата на Оној, кој ја создал“ (Колосјаните 3:10, NW). Забележи дека, исто онака како што Адам првобитно бил направен по Божја слика, така и новата личност е направена по Божјата слика (1. Мојсеева 1:26). Според тоа, точното спознание што им помогнало на тие двајца млади луѓе морало да вклучува и спознание за Бог. Тоа нѐ потсетува на Исусовите зборови: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, NW).
9. Како спознанието за Бог ни помага да ја промениме својата личност?
9 Како спознанието за Бог ни помага да ја промениме нашата личност? Ни дава мотив да го направиме тоа. Кога ќе го запознаеме Бог преку нашето проучување на Библијата, учиме за неговите божествени особини и гледаме каква љубов покажал кон нас. Ова нѐ наведува да му возвратиме љубов (1. Јованово 4:19). Тогаш ќе можеме да го послушаме она за кое Исус рекол дека е прва и најголема заповед: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22:37). Љубовта кон Бог нѐ наведува да сакаме да ја облечеме новата личност која му е допадлива. Нѐ наведува да сакаме да бидеме послични на него, без оглед на тоа колку тешко треба да се бориме за да го правиме тоа.
Длабоко вкоренети слабости
10, 11. Како точното спознание ѝ помогнало на една млада Северноамериканка да почне да ја менува својата личност?
10 Во некои случаи тоа навистина претставува борба. Една млада жена во Северна Америка морала да се бори многу напорно за да се промени. Како жртва на сексуална злоупотреба во детството, таа израснала во насилничко семејство и на крајот се свртела кон дрогата. Но, дрогата била скапа, па затоа таа се продавала како проститутка за да плати за својата навика. Исто така, таа ги шиканирала и ги пљачкала туристите и на крајот минувала повеќе време по затворите и во билјард-клубовите отколку дома.
11 Кога се сретнала со Јеховините сведоци, таа веќе била мајка на едно вонбрачно дете — после неколку абортуси. Меѓутоа, ѝ се допаднало тоа што го слушнала од Библијата и почнала да ја проучува. Наскоро веќе градела однос со Бог и правела преиначувања во својот живот.
12, 13. Опиши како точното спознание, откако е всадено, дејствува како сила која менува.
12 Меѓутоа, претстоела тешка борба затоа што старата личност била длабоко вкоренета. Во една прилика, таа се навредила поради некој добронамерен совет, престанала да ја проучува Библијата и се вратила на своите нечисти патишта. Но, не можела да ја заборави библиската вистина што била всадена во неа, и таа признава: „Одвреме навреме имав чувства на вина и во мислите ми прелетуваа зборовите од 2. Петрово 2:22: ‚Песот се враќа на својата блувотина‘ и ‚Искапената свиња — во калта‘“.
13 На крајот, ова спознание ја мотивирало да вложи уште еден одлучен напор. Таа вели: „Почнав да му се отворам на Јехова и често да се молам за помош“. Овојпат новата личност била поцврсто всадена, иако таа сѐ уште морала тешко да се бори. Во една прилика, во момент на слабост повторно се опијанила и направила неморал. Но, овојпат нејзината реакција покажала дека навистина се менува. Се гадела од самата себеси, и вели: „Многу се молев и проучував“. На крајот, Речта Божја имала толкава моќ во нејзиниот живот што станала активен христијанин, живеејќи чист, пристоен живот. Сега веќе неколку години таа е сосема поинаква личност од она што била некогаш — злоупотребена, зависник од дрога, водејќи бурен живот.
Народ променет преку Речта Божја
14, 15. а) Која сила од Бог дејствува преку Библијата? б) Кои се некои од карактеристиките на вистинските христијани денес?
14 Моќта што Библијата ја имала во животите на понизните луѓе покажува дека таа е повеќе отколку само човечко дело. Како инспирирана Реч Божја, таа е канал преку кој дејствува Божјиот дух. Истиот дух кој ги овозможил чудата што ги извршувал Исус, ни помага и нам денес да ги совладаме лошите особини и да развиеме христијанска личност. Всушност, основните особини што треба да ги негуваат христијаните — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување — во Библијата се наречени ‚плодови на духот‘ (Галатјаните 5:22, 23).
15 Денес, овој дух не дејствува само врз неколку поединци туку и врз милиони кои се „поучени од Јехова“ и кои се радуваат на ‚изобилен мир‘ од Него (Исаија 54:13, NW). Кои се тие? Исус навел еден начин како да се идентификуваат, велејќи: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Христијанската љубов е плод на духот и клучен дел од христијанската нова личност. Дали постои некоја група луѓе кои покажуваат љубов онака како што рекол Исус?
16, 17. Цитирај некои коментари од извесни весници кои помагаат да се идентификуваат оние кои се „поучени од Јехова“ и кои се радуваат на ‚изобилен мир‘.
16 Па, слушни го овој извадок од едно писмо напишано до New Haven Register, еден северноамерикански весник: „Без оглед на тоа дали сте биле налутени или разгневени од нивното прозелитизирање, како што бев јас, мора да ѝ се восхитувате на нивната посветеност, нивната доблест, нивниот истакнат пример на човечко однесување и здрав живот“. Германскиот весник Münchner Merkur зборувал за истата група кога рекол: „Тие се најчесните и најточните плаќачи на данок во Сојузна Република [Германија]. Нивната послушност кон законот може да се види во тоа како возат и во статистиките за криминал“.
17 За кого зборувале овие два весника? За истата група за која се дискутирало во Herald од Буенос Аирес (Аргентина). Овој весник навел: „Низ годините, Јеховините сведоци покажале дека се трудољубиви, трезвени, штедливи и богобојазливи граѓани какви што очигледно ѝ се потребни на нацијата“. Една социолошка студија од Замбија, објавена во American Ethnologist, се осврнува на истата група. Таа вели: „Јеховините сведоци доживуваат поголем успех во одржувањето на цврсти брачни заедници отколку членовите на другите деноминации“.
18, 19. Како биле опишани Јеховините сведоци во Италија и во Јужна Африка?
18 Весникот La Stampa во Италија исто така зборувал за Јеховините сведоци кога навел: „Тие се најлојалните граѓани што некој би можел да ги посака: не избегнуваат даноци ниту, пак, настојуваат да ги заобиколат непогодните закони заради лична добивка. Моралните идеали за љубов кон ближниот, одбивање власт, ненасилство и лична чесност (кои за повеќето христијани се ‚неделни правила‘ кои се добри само за да се проповедаат од проповедницата), спаѓаат во нивниот ‚секојдневен‘ начин на живот“.
19 Еден универзитетски професор од Јужна Африка кој доживеал дискриминација под поранешните расистички закони на таа земја, Јеховините сведоци ги нарекува „народ школуван според возвишените мерила на Библијата за да бидат навистина ‚далтонисти‘“. Објаснувајќи го ова, тој додал: „Тоа се луѓе кои гледаат какви се другите однатре, а не само бојата на нивната кожа. Денес, Јеховините сведоци го сочинуваат единственото вистинско братство на човештвото“.
20. Зошто Јеховините сведоци се истакнуваат како поинакви?
20 Овие коментари покажуваат дека постои една група луѓе кои ги отвориле своите срца кон Библијата и врз кои дејствува Божјиот дух. Вредно е да се забележи дека тие се истиот народ кого претходно го идентификувавме како оние кои се послушни на Исусовата заповед да ја проповедаат ширум светот добрата вест за Царството (Матеј 24:14). Зошто Јеховините сведоци се истакнуваат на овие подрачја? Во многу погледи тие не се поинакви од другите луѓе. Ги имаат истите телесни слабости, истите економски проблеми и истите основни потреби. Но, како група, тие го љубат Бог, сериозно ја сфаќаат Библијата и допуштаат таа да има моќ во нивните животи.
21. Што е докажано со фактот дека еден народ како што се Јеховините сведоци може да постои во денешниов свет исполнет со омраза?
21 Во повеќе од 200 земји има милиони Јеховини сведоци. Во нив спаѓаат луѓе од сите можни раси, јазици и социјални слоеви. Сепак, тие се едно обединето, мирољубиво, меѓународно братство. Тие се добри граѓани на која и да е земја во која ќе се погоди да живеат, но пред сѐ тие се поданици на Божјето Царство и сите се многу активни додека им ја кажуваат на другите добрата вест за тоа Царство. Во овој поделен свет, исполнет со омраза, навистина е извонредно тоа што воопшто може да постои една група како што се Јеховините сведоци. Фактот што тие постојат е еден силен доказ дека Божјиот дух сѐ уште е активен меѓу човештвото. И тоа е доказ дека Библијата навистина е „жива и има моќ“.
[Истакната мисла на страница 177]
Библијата навистина ги менува луѓето
[Истакната мисла на страница 181]
Спознанието за Бог наведува човек да сака да биде како него