2. Мојсеева
8 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот и речи му: ‚Вака вели Јехова: „Пушти го мојот народ да отиде и да ми служи!+ 2 Ако не сакаш да го пуштиш, еве, ќе ја казнам со жаби целата твоја земја.+ 3 И Нил ќе врие од жаби, кои ќе излезат, па ќе влезат во твојата куќа, во твојата спална, во твојот кревет, и во куќите на твоите слуги и на твојот народ, во твоите печки и во твоите садови за месење леб.+ 4 И жабите ќе скокаат врз тебе, врз твојот народ и врз сите твои слуги“ ‘ “.+
5 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Речи му на Арон: ‚Испружи ја раката со стапот+ над реките, над нилските канали и над мочуриштата, па изведи ги жабите по египетската земја!‘ “ 6 Тогаш Арон ја испружи раката над египетските води, и жабите почнаа да излегуваат, па ја покрија египетската земја. 7 Но свештениците што се занимаваат со магија го направија истото со своите тајни вештини и изведоа жаби по египетската земја.+ 8 Тогаш фараонот ги викна Мојсеј и Арон и им рече: „Молете го Јехова+ да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам вашиот народ да си оди и да му принесе жртва на Јехова!“+ 9 Тогаш Мојсеј му рече на фараонот: „Ти ја препуштам честа да ми кажеш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите слуги и за твојот народ да се тргнат жабите од тебе и од твоите куќи и да останат само во Нил“. 10 А тој рече: „Утре“. „Нека биде како што рече“, возврати Мојсеј, „за да знаеш дека никој не е како Јехова, нашиот Бог.+ 11 Жабите ќе отидат откај тебе, од твоите куќи, откај твоите слуги и откај твојот народ. Ќе останат само во Нил.“+
12 Тогаш Мојсеј и Арон си отидоа откај фараонот, а Мојсеј повика кон Јехова+ поради жабите што ги беше испратил врз фараонот. 13 Јехова постапи според зборовите на Мојсеј,+ и жабите изумреа по куќите, по дворовите и по нивите. 14 И ги собираа на купишта, а земјата засмрде.+ 15 Кога виде фараонот дека настапи олеснување, му закорави срцето+ и не ги послуша, како што беше рекол Јехова.+
16 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Речи му на Арон: ‚Испружи го својот стап+ и удри по правот на земјата, нека се претвори во комарци по целата египетска земја!‘ “ 17 И направија така. Арон ја испружи раката со стапот и удри по правот на земјата и комарци дојдоа врз луѓето и животните. Сиот прав на земјата се претвори во комарци по сета египетска земја.+ 18 А свештениците што се занимаваат со магија се обидоа со своите тајни вештини+ исто така да направат комарци, но не можеа.+ И така, комарците дојдоа врз луѓето и врз животните. 19 Тогаш свештениците му рекоа на фараонот: „Тоа е Божји+ прст!“+ Но фараонот остана со закоравено срце+ и не ги послуша, како што беше рекол Јехова.
20 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Стани утре рано и застани пред фараонот.+ Еве, тој ќе излезе кај водата, а ти речи му: ‚Вака вели Јехова: „Пушти го мојот народ да замине и да ми служи!+ 21 Ако не го пуштиш мојот народ, еве, јас ќе пуштам коњски муви+ врз тебе, врз твоите слуги, врз твојот народ и во твоите куќи. Куќите на Египќаните, а и земјата на која стојат, ќе се исполнат со коњски муви. 22 Но тој ден ќе ја одвојам земјата Гесем во која живее мојот народ, таму да нема коњски муви,+ па ќе знаеш дека јас, Јехова, сум среде оваа земја.+ 23 И ќе направам разлика помеѓу мојот народ и твојот народ.+ Ова чудо ќе се случи утре“ ‘ “.
24 И Јехова направи така. Големи роеви коњски муви ги преплавија куќата на фараонот и куќите на неговите слуги и целата египетска земја.+ И земјата настрада од коњските муви.+ 25 На крајот фараонот ги викна Мојсеј и Арон, па им рече: „Одете, принесете му жртва на вашиот Бог во оваа земја!“+ 26 Но Мојсеј одговори: „Не можеме да го сториме тоа зашто на Јехова, својот Бог, би му принесувале жртви што им се одвратни на Египќаните.+ Ако пред очите на Египќаните принесеме жртви што им се одвратни, зарем тие нема да нѐ каменуваат? 27 Ќе отидеме во пустината на три дена одење и ќе му принесеме жртва на Јехова, својот Бог, како што и ни рече“.+
28 А фараонот рече: „Ќе ве пуштам+ да одите во пустината и да му принесете жртва на Јехова, вашиот Бог.+ Но не одете предалеку. И молете се за мене!“+ 29 Тогаш Мојсеј одговори: „Еве, си одам откај тебе и ќе му се молам на Јехова, и утре коњските муви ќе отидат откај фараонот, откај неговите слуги и откај неговиот народ. Но фараонот нека не го мами повеќе народот, не пуштајќи го да оди и да му принесе жртва на Јехова!“+ 30 Потоа Мојсеј си отиде откај фараонот и му се помоли на Јехова.+ 31 И Јехова постапи според зборовите на Мојсеј,+ и коњските муви отидоа откај фараонот, откај неговите слуги и откај неговиот народ.+ Не остана ниту една. 32 Но на фараонот и овој пат му закорави срцето и не го пушти народот.+