Среда, 22 октомври
Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва (Јак. 2:17)
Јаков објаснил дека еден човек може да тврди дека има вера, но неговите дела не го потврдуваат тоа (Јак. 2:1-5, 9). Исто така, Јаков зборувал за човек кој видел дека некој брат или некоја сестра немаат што да облечат или немаат храна, но тој не им ја пружил потребната помош. Дури и ако тој човек тврдел дека има вера, тоа не било поткрепено со неговите постапки. Затоа, неговата вера била бескорисна (Јак. 2:14-16). Јаков ја спомнал Раав како добар пример за личност која ја докажала својата вера со дела (Јак. 2:25, 26). Таа имала слушнато за Јехова и сфатила дека тој им помага на Израелците (Ис. Нав. 2:9-11). Раав ја покажала својата вера со своите постапки — заштитила двајца израелски извидувачи чии животи биле во опасност. Поради тоа, оваа жена, која била несовршена и не била Израелка, била прогласена за праведна исто како Авраам. Од примерот на Раав учиме колку е важно со нашите постапки да покажеме дека имаме вера (w23.12 5, пас. 12-13).
Четврток, 23 октомври
Да бидете вкоренети и втемелени (Еф. 3:17)
Како христијани, ние не сме задоволни со тоа да имаме само површно разбирање за Библијата. Ние имаме силна желба да ги разбереме „дури и Божјите длабочини“, а тоа можеме да го направиме со помош на светиот дух (1. Кор. 2:9, 10). Во текот на твоето лично проучување, би можел подетално да истражуваш некоја тема со цел уште повеќе да се зближиш со Јехова. На пример, би можел да проучуваш за тоа како тој ја покажал својата љубов кон неговите слуги во минатото и како тоа докажува дека те сака и тебе. Исто така, би можел да проучуваш за тоа како Јехова сакал да го обожаваат Израелците и да го споредиш тоа со начинот на кој сака да го обожаваме ние денес. Или, би можел детално да ги проучуваш пророштвата што Исус ги исполнил во текот на неговиот живот и служба на Земјата. Можеш да најдеш радост во проучувањето на вакви теми со помош на Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Длабокото проучување на Библијата ќе ја зајакне твојата вера и ќе ти помогне да го пронајдеш „знаењето за Бог“ (Изр. 2:4, 5; w23.10 18-19, пас. 3-5).
Петок, 24 октомври
Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови (1. Пет. 4:8)
Апостол Петар напишал дека треба горливо да се сакаме еден со друг. Вториот дел од стихот објаснува на што нѐ поттикнува таквата горлива, односно силна љубов. Таа нѐ поттикнува да ги покриваме грешките на нашите браќа и сестри. Тоа може да го споредиме со следниов пример: Замисли си една маса на која има многу флеки и гребнатини. Можеме да земеме еден чаршаф и да го постелиме на масата за да покриеме — не само еден или два недостатока — туку многу нејзини недостатоци. Слично на тоа, ако имаме силна љубов кон нашите браќа и сестри, ќе можеме да им покриеме — односно да им простиме — не само една или две слабости туку „мноштво гревови“. Нашата љубов кон соверниците треба да биде доволно силна за да можеме да им ги простиме слабостите — дури и кога тоа е многу тешко (Кол. 3:13). Кога им простуваме на другите, покажуваме дека нашата љубов е силна и дека сакаме да го радуваме Јехова (w23.11 10-11, пас. 13-15).