Проповедник
9 Размислував за сето ова и заклучив дека праведните и мудрите, како и нивните дела, се во рацете на вистинскиот Бог. Луѓето не се свесни ниту за љубовта ниту за омразата што ја покажувале оние кои живееле пред нив. 2 Сите ги чека сосем ист крај — и праведните и злобните, и оние што се добри и чисти и оние што се нечисти, и оние што принесуваат жртви и оние што не принесуваат. Истото им се случува и на добриот човек и на грешникот; на оној што лесно дава заклетва, како и на оној што размислува пред* да го стори тоа. 3 Жалосно е ова што се случува под сонцето: бидејќи крајот е ист за сите, срцето на луѓето е полно со зло и со безумство додека се живи, а потоа умираат.
4 За секој жив човек има надеж, бидејќи подобро е живо куче отколку мртов лав. 5 Живите знаат* дека ќе умрат. А мртвите не се свесни за ништо и веќе не добиваат никаква награда,* туку паѓаат во заборав. 6 Освен тоа, нивната љубов, нивната омраза и нивната љубомора исчезнале, и тие повеќе немаат никаков удел во она што се случува под сонцето.
7 Затоа, јади и пиј вино со радосно и весело срце, бидејќи вистинскиот Бог е задоволен од она што го правиш. 8 Секогаш носи бела облека* и ставај си масло на главата. 9 Уживај со својата сакана жена во текот на краткотрајниот* живот што ти го дал Бог под сонцето, во деновите што брзо летаат,* бидејќи тоа ти е награда во животот, награда за сиот твој труд под сонцето. 10 Сѐ што можеш да правиш, прави го со сета своја сила, бидејќи нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот* каде што ќе отидеш.
11 Размислував за она што се случува под сонцето и увидов дека брзите не победуваат секогаш во трката ниту силните во битката, дека мудрите немаат секогаш храна ниту разумните богатство и дека не успеваат секогаш оние што имаат знаење, бидејќи секого од нив може ненадејно да го снајде нешто непредвидено.* 12 Човек не знае кога ќе му дојде часот. Како што рибите се ловат во смртна мрежа и како што птиците се фаќаат во стапица, така и луѓето паѓаат во замка кога ненадејно ќе ги снајде неволја.
13 Додека гледав што сѐ се случува под сонцето, го видов и овој пример за мудрост, кој ми остави силен впечаток: 14 Едно гратче кое имаше малку жители беше нападнато од еден моќен цар, кој го опколи и подигна голем опсаден насип. 15 Таму живееше и еден сиромашен, но мудар човек, кој го спаси градот со својата мудрост. Сепак, подоцна сите го заборавија овој сиромав. 16 Тогаш си реков: „Мудроста вреди повеќе од силата; но мудроста на сиромавиот се потценува,* и никој не ги слуша неговите зборови“.
17 Подобро е да се послушаат зборовите кои смирено ги изговараат мудрите луѓе отколку зборовите кои на сет глас ги извикува оној што владее над безумници.
18 Мудроста вреди повеќе од воено оружје, но еден единствен грешник може да направи голема штета.*