Проповедник
11 Фрли го својот леб да плови по водата, и по многу денови пак ќе го најдеш. 2 Подели го она што го имаш со седуммина, па дури и со осуммина, бидејќи не знаеш каква неволја ќе ја снајде земјата.
3 Ако облаците се полни со вода, ќе истури дожд на земјата. Ако некое дрво падне, било кон југ било кон север, ќе остане таму каде што паднало.
4 Оној што гледа дали дува ветар, никогаш нема да сее, и оној што гледа дали има облаци, никогаш нема да жнее.
5 Исто како што не знаеш како дејствува духот* во коските на бебето во утробата на бремената жена, така не ги разбираш ни постапките на вистинскиот Бог, кој прави сѐ.
6 Сеј го своето семе од утро до мрак,* бидејќи не знаеш дали ќе роди она што си го посеал в зори или она што си го посеал навечер. А можеби и едното и другото семе ќе дадат род.
7 Светлината е пријатна за очите, и убаво е кога човек гледа сончева светлина. 8 Колку долго и да живее, нека му се радува на секој ден. Но, не смее да заборави дека ќе дојдат и црни денови, кои може да ги има многу! Секој таков ден е бесмислен.
9 Момче, радувај се додека си младо и весели се во деновите на својата младост. Оди каде што те влече срцето и каде што те водат очите. Но, знај дека вистинскиот Бог ќе побара од тебе да му положиш сметка за сѐ.* 10 Затоа, чувај си го срцето од она што може да ти нанесе болка и чувај си го телото од она што може да ти наштети, бидејќи младоста и најубавите години од животот брзо ќе летнат.*