Агеј
2 На 21-от ден од седмиот месец, Јехова ги кажа следниве зборови преку пророкот Агеј: 2 „Те молам, прашај го Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, како и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, а и останатиот народ: 3 ’Има ли меѓу вас некои што видоа колкава беше славата на овој дом* порано? Како ви изгледа тој сега? Зар не ви изгледа безначајно во споредба со тоа каков беше тогаш?‘
4 ’А сега, Зоровавеле, биди силен!‘, вели Јехова. ’Биди силен и ти, Исусе, првосвештенику, сине на Јоседек!‘
’Биди силен, народе‘, вели Јехова. ’И фатете се за работа!‘
’Бидејќи јас сум со вас‘, вели Јехова над војските. 5 ’Сетете се на ветувањето што ви го дадов кога излеговте од Египет. Јас сѐ уште ве водам со својот дух.* Не плашете се!‘“
6 „Вака вели Јехова над војските: ’Уште еднаш — и тоа наскоро — ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното‘.
7 ’Ќе ги затресам народите, па скапоценостите од сите народи ќе се соберат во овој дом, и така ќе го наполнам со слава‘, вели Јехова над војските.
8 ’И среброто и златото се мои‘, вели Јехова над војските.
9 ’Славата на овој дом ќе биде поголема од славата на првиот‘, вели Јехова над војските.
’И ќе ви дадам мир на ова место‘, вели Јехова над војските.“
10 Во втората година од владеењето на Дариј, на 24-тиот ден од деветтиот месец, Јехова му се обрати на пророкот Агеј со следниве зборови: 11 „Вака вели Јехова над војските: ’Те молам, постави им го на свештениците ова прашање во врска со законот: 12 „Ако некој носи свето месо* во скутот на облеката и ако со неа се допре до леб, до вариво, до вино, до масло или до каква и да е храна, ќе станат ли тие работи свети?“‘“
А свештениците одговорија: „Не!“
13 А Агеј ги праша: „Ако некој допре мртво тело* и стане нечист, а потоа допре некоја од овие работи, дали и таа ќе стане нечиста?“
Свештениците одговорија: „Да, ќе стане нечиста“.
14 Тогаш Агеј рече: „’Такви се во мои очи овие луѓе и овој народ, и такви се сите нивни дела‘, вели Јехова. ’Сѐ што принесуваат за жртва е нечисто.‘
15 ’Но од денес натаму, ве молам внимателно размислувајте за ова: Како беше пред да почнете повторно да го градите храмот на Јехова? 16 Кога некој ќе дојдеше до куп жито во кој требаше да има доволно за да се наполнат 20 кошници, таму имаше само за 10. А кога некој ќе дојдеше до бочва со вино за да наполни 50 ќупови, во неа имаше само за 20. 17 Ве казнив вас* и сето она околу кое се трудевте — со голема жега, со мувла* и со град — но никој од вас не се врати кај мене‘, вели Јехова.
18 ’Ве молам, внимателно размислувајте од денес натаму, од 24-тиот ден во овој деветти месец, од денот кога се утврдени темелите на Јеховиниот храм. Размислете за ова: 19 Има ли уште семе во амбарот?* Досега ни лозата, ни смоквата, ни калинката, ни маслинката не даваа плод. Но, од денес јас ќе ве благословувам‘“.
20 На 24-тиот ден од тој месец, Јехова по вторпат му се обрати на Агеј со следниве зборови: 21 „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јуда: ’Јас ќе ги затресам небото и земјата. 22 Ќе ги соборам царските престоли и ќе им ја одземам моќта на сите царства на народите. Ќе ги превртам бојните коли и оние што ги возат, ќе паднат коњите и нивните јавачи. Ќе се испоубијат меѓу себе со мечеви‘“.
23 „’Во тој ден‘, вели Јехова над војските, ’ќе те земам тебе, слуго мој Зоровавеле, сине на Салатиел, за да ми бидеш како печатен прстен‘.* ’Ќе го сторам тоа бидејќи тебе те избрав‘, вели Јехова. Ова се зборови на Јехова над војските.“