Марко
3 Повторно влезе во една синагога, а таму имаше човек со исушена* рака. 2 Затоа фарисеите го набљудуваа Исус да видат дали ќе го излекува на сабат, за да можат да го обвинат. 3 А тој му рече на човекот со исушена рака: „Стани и дојди на средина“. 4 Потоа им рече: „Дозволено ли е на сабат да се прави добро или да се прави лошо, да се спаси живот или да се одземе?“ Но, тие молчеа. 5 Исус налутено ги погледна, длабоко разжалостен поради бесчувствителноста на нивните срца, па му рече на човекот: „Испружи ја раката“. Тој ја испружи, и раката му оздраве. 6 Тогаш фарисеите излегоа и веднаш почнаа да се договараат со следбениците на Ирод за да го убијат.
7 А Исус тргна кон езерото заедно со своите ученици. По него одеше мноштво народ од Галилеја и од Јудеја. 8 Кога слушнаа за сето она што го прави, многу луѓе дојдоа кај него — дури и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан, како и од околината на Тир и Сидон. 9 Тој им рече на своите ученици да му подготват чамец за народот да не го турка. 10 Бидејќи излекува мнозина, сите што беа тешко болни се собираа околу него и се туркаа за да го допрат. 11 Дури и нечистите духови, штом ќе го видеа, паѓаа пред него и викаа: „Ти си Божјиот Син!“ 12 Но, Исус повеќепати строго им заповеда да не откриваат кој е тој.
13 Потоа се качи на една гора и повика некои од своите ученици, а тие дојдоа кај него. 14 Тој избра 12-мина, кои ги нарече апостоли, за да бидат со него и да ги испраќа да проповедаат 15 и за да им даде власт да истеруваат демони.
16 А 12-те апостоли што ги избра беа: Симон, кого го нарече и Петар; 17 Јаков, синот на Зеведеј, и Јован, братот на Јаков (нив ги нарече и Воанергес, што значи „синови на громот“); 18 Андреј; Филип; Вартоломеј; Матеј; Тома; Јаков, синот на Алфеј; Тадеј; Симон Кананит* 19 и Јуда Искариот, кој подоцна го предаде.
Потоа влезе во една куќа. 20 Повторно се собра народ, па не можеа ни да јадат. 21 Кога слушнаа за тоа, неговите роднини дојдоа да го одведат, зашто велеа: „Се мрднал од умот“. 22 А и познавачите на Законот* кои дојдоа од Ерусалим велеа: „Обземен е од Ѓаволот,* и ги истерува демоните со помош на владетелот на демоните“. 23 Тогаш ги повика кај себе и почна да им зборува со споредби: „Како може Сатана да го истерува Сатана? 24 Ако едно царство се разедини, тоа царство не може да опстане. 25 И ако една куќа се разедини, таа куќа не ќе може да опстане. 26 Исто така, ако Сатана се сврти против самиот себе и неговото царство* се разедини, не ќе може да опстане, туку ќе пропадне. 27 Никој не може да влезе во куќата на некој силен човек и да му ја украде покуќнината ако најпрво не го врзе. Само така ќе може да му ја ограби куќата. 28 Навистина ви велам, сѐ ќе им биде простено на луѓето, сеедно какви гревови направиле и какви хули кажале. 29 Но, на оној што хули на светиот дух нема никогаш да му биде простено, туку е виновен за вечен грев“. 30 Тоа го рече бидејќи велеа: „Во него има нечист дух“.
31 И дојдоа мајка му и неговите браќа. Стоеја надвор и испратија човек кај него за да го викне. 32 А околу него седеа многу луѓе. И му рекоа: „Мајка ти и твоите браќа се надвор и те бараат“. 33 А тој им одговори: „Која е мојата мајка и кои се моите браќа?“ 34 И, откако ги погледна оние што седеа околу него, рече: „Ова се мојата мајка и моите браќа! 35 Секој што ја врши Божјата волја, тој ми е брат и сестра и мајка“.