Марко
5 Потоа дојдоа на другата страна од езерото, во герасинскиот крај. 2 И веднаш откако Исус излезе од чамецот, откај гробиштата му дојде во пресрет еден човек обземен од нечист дух. 3 Тој живееше меѓу гробовите, и дотогаш никој не можеше да го врзе, дури ни со синџири. 4 Честопати беше врзуван со окови и со синџири, но ги кинеше синџирите и ги кршеше оковите. Никој не можеше да го совлада. 5 И без престан, дење и ноќе, луташе низ гробовите и по ридовите, викаше и се удираше со камења. 6 Но, кога оддалеку го здогледа Исус, се стрча кон него и му се поклони. 7 Тогаш извика на цел глас: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бог да не ме мачиш!“ 8 Зашто Исус му велеше: „Излези од човекот, нечист духу!“ 9 А Исус го праша: „Како се викаш?“ Тој му одговори: „Се викам Легија,* зашто сме многу“. 10 И упорно го преколнуваше Исус да не ги истерува од тој крај.
11 А таму, на ридот, пасеше големо стадо свињи. 12 Па духовите го молеа: „Испрати нѐ да влеземе во свињите“. 13 И тој им дозволи. Тогаш нечистите духови излегоа и влегоа во свињите. И стадото свињи, кои беа околу 2.000, јурнаа преку стрмната карпа и се удавија во езерото. 14 А свињарите побегнаа и разгласија за тоа во градот и во околината, па луѓето дојдоа да видат што се случило. 15 Кога дојдоа кај Исус и видоа дека човекот, кој претходно беше обземен од една легија демони, седи облечен и дека веќе е при себе, се исплашија. 16 А очевидците им раскажаа што се случи со човекот обземен од демони и со свињите. 17 И почнаа да го молат Исус да си оди од нивниот крај.
18 Додека Исус влегуваше во чамецот, човекот кој претходно беше обземен од демони го молеше да му дозволи и тој да појде со него. 19 Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома кај своите роднини и раскажи им за сѐ што направи Јехова за тебе и за милоста што ти ја покажа“. 20 И човекот отиде и почна да раскажува во Декаполис* за сето она што Исус го направи за него. И сите беа воодушевени.
21 Потоа Исус повторно премина со чамецот на брегот на другата страна. Додека уште беше покрај езерото, околу него се собра многу народ. 22 И дојде еден од старешините* на синагогата, кој се викаше Јаир, и кога го здогледа, се фрли на колена пред него 23 и упорно го молеше: „Мојата ќеркичка е на умирање. Те молам, дојди и излечи ја,* за да не умре“. 24 И Исус појде со него. По него одеа многу луѓе и се туркаа околу него.
25 Таму имаше една жена која 12 години страдаше од крварење. 26 Таа се лекуваше кај многу лекари и се изнамачи, и потроши сѐ што имаше, но не ѝ беше подобро, туку ѝ стануваше сѐ полошо. 27 Кога слушна што се зборува за Исус, му се приближи одзади, пробивајќи се низ мноштвото, и му ја допре облеката. 28 Си мислеше: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. 29 И веднаш престана да крвари, па почувствува дека оздраве од својата мачна болест.
30 Исус веднаш осети дека од него излезе сила, па се сврте кон мноштвото и праша: „Кој ми ја допре облеката?“ 31 А неговите ученици му рекоа: „Гледаш дека народот се турка околу тебе, а ти прашуваш: ’Кој ме допре?‘“ 32 Но тој погледна наоколу за да види кој го допре. 33 Жената знаеше што ѝ се случи, па сета исплашена и растреперена дојде и падна на колена пред него и му ја кажа целата вистина. 34 А тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од твојата мачна болест“.
35 Додека уште зборуваше, дојдоа некои луѓе од домот на Јаир и рекоа: „Ќерка ти умре. Не мачи го веќе Учителот“. 36 Но Исус го слушна тоа и му рече на Јаир: „Не плаши се, само верувај“. 37 И никому не му дозволи да појде со него, освен на Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков.
38 Кога дојдоа до куќата на Јаир, ја слушна вревата и виде како луѓето плачат и лелекаат на цел глас. 39 Откако влезе, им рече: „Зошто плачете и правите врева? Детето не е умрено, туку спие“. 40 А тие му се потсмеваа. Но тој им рече на сите да излезат надвор, па ги зеде со себе таткото и мајката на детето и учениците што беа со него и влезе таму каде што беше детето. 41 Тогаш, го фати девојчето за рака и му рече: „Талита куми“, што значи: „Девојче, тебе ти велам, стани!“ 42 Девојчето веднаш стана и почна да оди. (Имаше 12 години.) Кога го видоа тоа, беа избезумени од радост. 43 Но тој неколку пати им нареди* никој да не дознае за тоа. И им рече да ѝ дадат нешто да јаде.