Јуда
1 Од Јуда, роб на Исус Христос, а брат на Јаков, до повиканите, кои Бог, Таткото, ги сака и ги чува за Исус Христос:
2 Бог изобилно нека ви подари милост и мир и љубов.
3 Сакани, иако многу сакав да ви пишувам за нашето заедничко спасение, сметам дека е потребно да ви пишам за да ве поттикнам силно да се борите за верата која еднаш засекогаш им е предадена на светите. 4 Тоа го правам затоа што меѓу вас се вовлекоа некои луѓе, кои Писмото уште одамна ги осудило. Тие се безбожници, кои незаслужената доброта на нашиот Бог ја користат како изговор за бесрамно однесување* и кои не му се верни на нашиот единствен сопственик и Господар,* Исус Христос.
5 Иако веќе добро го знаете сето ова, сакам да ве потсетам дека Јехова, и покрај тоа што спаси еден народ од Египет, подоцна ги уништи оние што немаа вера. 6 И ангелите што не ја задржаа својата првобитна положба, туку го напуштија своето живеалиште, ги чува во вечни окови и во густа темнина за да бидат судени во големиот ден. 7 На сличен начин, и Содом и Гомор и градовите околу нив се оддадоа на тежок сексуален неморал* и ги задоволуваа своите неприродни телесни желби. Тие се осудени на вечен оган, а тоа служи како предупредување за нас.
8 И покрај тоа, и овие луѓе што се вовлекоа меѓу вас живеат во заблуда, го валкаат телото, не почитуваат авторитет и зборуваат навредливо за славните.* 9 Но кога архангелот Михаел имаше несогласување со Ѓаволот за телото на Мојсеј, не се осмели да го осуди со навредливи зборови, туку рече: „Јехова нека те прекори!“ 10 А овие луѓе зборуваат навредливо за сето она што, всушност, не го разбираат. А сето она што го разбираат водени од инстинкт, како животни без разум, ги прави сѐ порасипани.
11 Тешко ним, зашто тргнаа по стапките на Каин и, заради награда, се впуштија во грев како Валаам и беа уништени бидејќи зборуваа бунтовно како Кореј! 12 Тие се подводни карпи што на вашите гозби* се гоштаваат со вас, пастири кои без срам се грижат само за себе,* безводни облаци што ветрот ги носи ваму-таму, дрвја кои немаат плод ни во доцна есен, кои се потполно мртви* и од корен искорнати, 13 разбеснети морски бранови кои ја исфрлаат пената на своето срамно однесување, ѕвезди без утврдена патека, за кои засекогаш е зачувана црната темница.
14 За нив пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, велејќи: „Еве, Јехова дојде со своите десетици илјади свети ангели 15 за да им суди на сите, и да ги осуди сите безбожници за сите безбожни дела што ги направија на безбожен начин и за сите ужасни зборови кои безбожните грешници ги кажаа против него“.
16 Тоа се луѓе кои приговараат, се жалат за своите околности во животот, живеат според своите желби, се фалат себеси и им ласкаат на други* заради сопствена корист.
17 А вие, сакани, сетете се на она што го кажуваа* апостолите на нашиот Господар Исус Христос. 18 Сетете се како ви велеа: „Во последните денови* ќе има потсмевачи, кои ќе живеат според своите безбожни желби“. 19 Тоа се оние што предизвикуваат поделби, телесни луѓе,* кои го немаат Божјиот дух.* 20 А вие, сакани, изградувајте ја својата најсвета вера и молете се во склад со светиот дух 21 за и понатаму да бидете достојни за Божјата љубов, додека чекате нашиот Господар Исус Христос да ви покаже милост така што ќе ви даде вечен живот. 22 Исто така, продолжете да покажувате милост кон оние што имаат сомнежи. 23 Спасувајте ги истргнувајќи ги од огнот. Но продолжете да покажувате милост и кон другите, внимавајќи на себе и мразејќи ја дури и облеката што ја извалкале со своето грешно постапување.*
24 А на оној што може да ве чува да не паднете и да ви помогне да стоите неизвалкани и со голема радост пред неговата слава,* 25 на единствениот Бог, кој нѐ спаси преку Исус Христос, нашиот Господар, нему му припаѓаат славата, величеството, моќта и власта отсекогаш и сега и засекогаш. Амин.