Агеј
1 Во втората година од владеењето на цар Дариј,* на првиот ден од шестиот месец, пророкот Агеј* им ја пренесе следнава порака од Јехова на Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, и на првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек:
2 „Вака вели Јехова над војските: ’Овој народ вели: „Уште не е време да се гради домот* на Јехова“‘“.
3 Потоа пророкот Агеј им ги кажа следниве зборови од Јехова: 4 „Време ли е вие да живеете во своите убави куќи* додека овој дом лежи во урнатини? 5 Затоа, вака вели Јехова над војските: ’Размислете внимателно за она што го правите!* 6 Сеете многу, но жнеете малку. Јадете, но не можете да се наситите. Пиете вино, но немате доволно за пиење. Се облекувате, но никој од вас не може да се стопли. Наемникот си ја става платата во скината торба‘“.*
7 „Вака вели Јехова над војските: ’Размислете внимателно за она што го правите!‘*
8 ’Качете се на гората и донесете дрва. Изградете го мојот дом за да му се радувам и да се прославам‘, вели Јехова.“
9 „’Очекувавте многу, но добивте малку. А кога и тоа малку го внесовте дома, јас го дувнав и го снема. Зошто го сторив тоа?‘, вели Јехова над војските. ’Затоа што мојот дом лежи во урнатини додека секој од вас се грижи само за својата куќа.* 10 Поради тоа, небото престана да ви дава роса, и земјата не ви е плодна. 11 Јас предизвикав суша врз нивите и планините, поради која нема доволно жито, вино, масло и род на земјата. Се мачите и вие и добитокот, и залуден е сиот ваш труд.‘“
12 Зоровавел, кој е син на Салатиел, и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, заедно со сиот народ го послушаа гласот на својот Бог, Јехова, и зборовите на пророкот Агеј, бидејќи тој беше испратен од Јехова, нивниот Бог. И народот почна да покажува стравопочит кон Јехова.
13 Тогаш Агеј, Јеховиниот гласник, му ја пренесе следнава порака на народот во склад со заповедта од Јехова: „’Јас сум со вас‘, вели Јехова“.
14 Така Јехова ги поттикна* Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, како и останатиот народ, да дојдат и да почнат да работат на домот на својот Бог, Јехова над војските. 15 Тие започнаа со работа на 24-тиот ден од шестиот месец, во втората година од владеењето на цар Дариј.