Проповедник
4 Пак почнав да размислувам за сите неправди под сонцето. Ги гледав солзите на оние што трпеа неправда, а немаше кој да им даде утеха. Бидејќи оние што ги угнетуваа имаа моќ, немаше кој да ги утеши. 2 Затоа заклучив дека е подобро човек да е мртов отколку жив. 3 А уште подобро е никогаш да не се ни родил и да не ги видел страдањата под сонцето.
4 И видов колку голем труд вложуваат луѓето и колку вешто си ја вршат работата кога има ривалство меѓу нив. Но и тоа е бесмислено — трчање по ветар.
5 Безумникот седи со скрстени раце и самиот се уништува.*
6 Подобро е малку да се одмориш* отколку да се отепуваш од работа* и да трчаш по ветар.
7 Размислував и за уште една бесмислена работа под сонцето: 8 некој е сам и нема ни пријател, ни син, ни брат, а сепак работи без престан. Неговите очи не можат никогаш да се наситат со богатство. Но, дали некогаш му паѓа на ум да се праша: „За кого се мачам? И заради кого пропуштам да уживам во добрите работи во животот?“* Тоа навистина е бесмислено и жалосно.
9 Подобро им е на двајца отколку на еден бидејќи имаат поголема корист од својот труд.* 10 Ако едниот падне, другиот ќе го подигне. А што ќе се случи со оној што е сам? Кој ќе го подигне кога ќе падне?
11 Освен тоа, ако двајца спијат еден до друг, ќе им биде потопло. А како ќе се стопли човек што е сам? 12 Ако некој е сам, друг може да го совлада. Но, ако се двајца, ќе можат да се одбранат. А трикратно јаже не се кине лесно.*
13 Подобро е сиромашно, но мудро момче, отколку стар и безумен цар, кој повеќе не прифаќа никаков совет. 14 Човекот* излегол од затвор за да стане цар, иако во тоа царство се родил сиромашен. 15 Размислував за она што им се случува на сите живи под сонцето, како и за она што му се случува на младиот цар кој го наследува оној што владеел пред него. 16 Иако во почетокот има безброј приврзаници, подоцна луѓето нема да бидат задоволни од него. Заклучив дека и ова е бесмислено, трчање по ветар.