На управителот. Од Јеховиниот слуга Давид, кој му ја испеа на Јехова оваа песна во денот кога Јехова го избави од рацете на сите негови непријатели и од рацете на Саул.+ Тој рече:
18 Ќе те сакам, Јехова, сило моја.+
2 Јехова е моја спила, моја тврдина и мој избавител.+
Мојот Бог е мојата карпа. Тој ми е прибежиште,+
штит и рог на моето спасение, моја сигурна тврдина на високо место.+
3 Ќе го повикам Јехова, кој е достоен за фалба,+
и ќе бидам избавен од своите непријатели.+
4 Јажињата на смртта ме обвија,+
порои од никаквеци ме плашеа.+
5 Јажињата на гробот ме опколија,+
замките на смртта се испречија пред мене.+
6 Во својата неволја го повикував Јехова,
го викав својот Бог за помош.+
Тој го слушна мојот глас од својот храм,+
и мојот вик сега дојде до неговите уши.+
7 Земјата се заниша и се затресе,+
темелите на планините се поместија,+
се занишаа, зашто тој се разгневи.+
8 Чад излезе од неговите ноздри и од неговата уста вивна оган што проголтува,+
вжарени јаглења скокаа од него.
9 Ги наведна небесата и слезе.+
Под неговите нозе имаше темни облаци.
10 Седна на херувим и долета,+
дојде брзо на крилјата на еден ангел.+
11 Од темнината си направи скривалиште,+
насекаде околу него, како негов шатор,
имаше црни дождовни облаци.+
12 Со светкањето на молњите поминуваа пред него неговите облаци,+
град и разгорени јаглења.+
13 Згрме Јехова на небесата,+
Севишниот го пушти својот глас,+
град и јаглења разгорени.
14 Ги праќаше своите стрели за да ги распрсне,+
фрлаше молњи за да ги збуни.+
15 Речните корита се покажаа+
и се открија темелите на земјата+
од твојата закана, Јехова, од силниот здив на твоите ноздри.+
16 Тој ја подаде раката од висина, ме фати+
и ме извлече од длабока вода.+
17 Ме избави од мојот силен непријател+
и од оние што ме мразат, зашто беа посилни од мене.+
18 Се креваа против мене во денот на мојата неволја,+
но Јехова ми беше потпора.+
19 Ме изведе на широко место,+
ме избави, зашто сум му мил.+
20 Јехова ме наградува според мојата праведност,+
според чистотата на моите раце тој ми возвраќа.+
21 Зашто, се држев за Јеховините патишта+
и не се одметнав од својот Бог.+
22 Сите негови закони се пред мене+
и неговите одредби не ги отфрлам од себе.+
23 Ќе бидам непорочен пред него+
и ќе се пазам да не направам престап.+
24 А Јехова нека ми возврати според мојата праведност,+
според чистотата на моите раце пред неговите очи.+
25 Со лојалниот постапуваш лојално,+
со непорочниот — непорочно,+
26 со оној што е чист постапуваш чисто,+
а расипаниот го надмудруваш,+
27 зашто, ти го спасуваш народот што е во неволја,+
а вообразените очи ги понижуваш.+
28 Зашто, ти ја палиш мојата светилка, о Јехова,+
мојот Бог ја осветлува мојата темнина.+
29 Со твоја помош можам и на разбојничка дружина да удрам,+
со помошта на својот Бог можам и на ѕидишта да се качам.+
30 Патот на вистинскиот Бог е совршен,+
Јеховината реч е чиста.+
Тој им е штит на сите што бараат засолниште кај него.+
31 Зашто, кој е Бог освен Јехова?+
И кој е карпа освен нашиот Бог?+
32 Вистинскиот Бог цврсто ме препашува со сила,+
мојот пат ќе го направи совршен,+
33 зашто, ми дава нозе како на срна,+
и ме става да стојам на места што се високи за мене.+
34 Ги учи моите раце да војуваат,+
па моите мишки го оптегнуваат бакарниот лак.+
35 Ти ми го даваш својот штит на спасението,+
твојата десница ме поддржува,+
твојата понизност ме прави голем.+
36 На моите чекори им правиш место+
и моите глуждови не попуштаат.+
37 Ги гонам своите непријатели и ги стигнувам,
и не се враќам додека не ги истребам.+
38 Ги здробувам, така што не можат да станат,+
паѓаат под моите нозе.+
39 Ти ме препашуваш со сила за војна,
ги соборуваш под мене оние што стануваат против мене.+
40 Моите непријатели ги тераш да бегаат пред мене.+
Јас ги сотирам оние што многу ме мразат.+
41 Тие викаат за помош, но нема спасител,+
го викаат Јехова за помош, но тој не ги услишува.+
42 Ги здробувам како прав на ветрот,+
ги исфрлувам како улична кал.+
43 Ти ме избавуваш од приговарањето на мојот народ.+
Ме поставуваш за поглавар на народите.+
Народ кој не го познавав ми служи.+
44 Штом ќе слушнат за мене, ми се покоруваат;+
туѓинци покорно доаѓаат кај мене.+
45 Туѓинците венеат,
треперејќи излегуваат од своите тврдини.+
46 Жив е Јехова!+ Нека е благословена мојата Карпа+
и нека е возвишен Богот на моето спасение!+
47 Вистинскиот Бог ми дава одмазда+
и ми ги покорува народите.+
48 Ме избавува од моите лути непријатели.+
Ме подигаш+ над сите што се креваат против мене,
од човек насилник ме избавуваш.+
49 Затоа те фалам меѓу народите, о Јехова,+
со песна го славам твоето име.+
50 Тој му дава големи победи на својот цар+
и му покажува милост на својот помазаник+ —
на Давид и на неговото потомство довека.+