Проповедник
8 Кој може да се мери со мудриот човек? Кој го знае решението на проблемите?* Мудроста му го разведрува лицето на човекот и му го ублажува строгиот израз на лицето.
2 Еве што советувам: „Слушај ги царските заповеди бидејќи се заколна пред Бог дека ќе го правиш тоа. 3 Не брзај да си заминеш откај царот и немој да се вплеткаш во нешто лошо, бидејќи тој може да направи што сака. 4 Зборот на царот е последен, и никој не смее да му рече: ’Што правиш?‘“
5 Оној што ја извршува заповедта нема да го снајде неволја. Мудриот човек ќе знае кога треба да направи нешто и како да го направи тоа. 6 Иако луѓето се погодени од многу неволји, има и време и начин за да се реши секоја работа. 7 Никој не знае што ќе се случи во иднина, а камоли како ќе се случи тоа.
8 Како што ниту еден човек не може да ја задржи животната сила,* така и никој нема власт над смртниот час. Како што никој не отпушта војник за време на војна, така ни злобата нема да ги пушти злосторниците да се извлечат без последици.*
9 Го видов сето ова и внимателно размислував за сите работи што се прават под сонцето. За сето тоа време, човек владее над човек на негова штета. 10 Видов како ги погребуваат злобните, кои порано доаѓаа на светото место и заминуваа од таму. А споменот за нив брзо беше избришан во градот каде што правеа зло. И тоа е бесмислено.
11 Кога гледаат дека казната за некоја лоша постапка не се извршува веднаш, луѓето се осмелуваат да прават зло. 12 Иако некој грешник може стопати да направи зло и да живее долго, јас знам дека ќе им биде добро на оние што длабоко го почитуваат вистинскиот Бог, бидејќи имаат стравопочит кон него. 13 Но, злобниот нема добро да си помине. Затоа што нема стравопочит кон Бог, тој нема да си го продолжи животот, кој исчезнува како сенка.
14 На земјата се случува уште нешто бесмислено:* има праведници со кои се постапува како да се злосторници и има злобни со кои се постапува како да се праведници. Велам дека и тоа е бесмислено.
15 Затоа сметам дека човек треба да ужива во животот. За него нема ништо подобро под сонцето отколку да јаде, да пие и да се весели додека трудољубиво работи во сите денови од својот живот, кој вистинскиот Бог му го дал под сонцето.
16 Се потрудив да стекнам мудрост за да го разберам сето она што луѓето го прават на земјата, и притоа не склопував очи ни дење ни ноќе.* 17 А размислував и за сето она што го прави вистинскиот Бог. На крајот заклучив дека луѓето не можат да го сфатат она што се случува под сонцето. Колку и да се трудат, не можат да разберат. Дури и да тврдат дека се доволно мудри и дека го знаат сето тоа, тие не можат во потполност да ги сфатат работите.