Предговор
БИБЛИЈАТА, или Светото писмо, е писмена објава од Севишниот Господар Јехова упатена до сите луѓе. Оваа вдахновена книга му се обраќа на целиот свет затоа што ја носи добрата вест за Божјето Царство, кое ќе воспостави мир и правда. Земјата ќе биде претворена во Рај во кој ќе живеат сите луѓе. Библијата открива дека Бог од љубов му овозможил на грешното човештво да се спаси од смртта така што го дал како откупна жртва својот Син, Исус Христос (Јован 3:16).
Изворните јазици на кои била пишувана Библијата се: хебрејски, арамејски (јазик што е сроден со хебрејскиот) и грчки. Поради тоа што релативно мал број луѓе денес ги разбираат овие јазици, неопходно е Библијата да се преведе на денешните јазици за да може нејзината животодавна порака да дојде до луѓето од сите народи.
Овој нов македонски превод на Библијата се темели на англиското издание на New World Translation of the Holy Scriptures од 1984 година. Тој се состои од преводот на 39-те книги, кои изворно биле напишани на хебрејски и на арамејски јазик, и од второто, ревидирано издание на 27-те книги, кои изворно биле напишани на грчки јазик (првото издание излезе во 1999 година). Одборот што работеше на англиското издание на преводот Нов свет одлучи да не ги користи вообичаените називи за двата главни дела на Библијата — „Стар завет“ и „Нов завет“ — од причина што Библијата, всушност, е неделива целина и ниту еден нејзин дел не е застарен, односно „стар“. Нејзината порака е единствена од првата книга во делот што е пишуван на хебрејски јазик до последната книга што е напишана на грчки јазик. За да му се помогне на читателот при проучувањето на целата Библија, во ова издание се вклучени околу 125.000 маргиналии, кои го упатуваат на други соодветни стихови, а има и индекс на зборови од библискиот текст и индекс на зборови од фуснотите.
Со оглед на тоа што во Библијата е изнесена светата волја на Севишниот Господар на вселената, би било голема навреда и вистинско понижување за тој величествен и моќен Бог кога би го изоставиле или би се обиделе да го скриеме неговото единствено име, кое во целокупниот текст се јавува околу 7.000 пати. Затоа, може да се каже дека најистакнато обележје на овој превод е тоа што Божјето име е вратено во текстот на Библијата на местото кое му припаѓа. Го користевме обликот „Јехова“, и тоа на 6.973 места во преводот на хебрејските книги и 237 пати во преводот на грчките книги. Повеќе информации во врска со ова читателот може да најде во Додатокот.
Преведувачите на ова издание го сакаат Бог — Авторот на Светото писмо — и затоа настојуваа, со чувство на голема одговорност пред него, да ги изразат неговите мисли и изјави колку што е можно поточно. Тие чувствуваат одговорност и кон читателите, за чие вечно спасение е неопходна вдахновената Реч на Севишниот Бог, која можат да ја читаат и да ја проучуваат само ако ја имаат на својот јазик. Искрено се надеваме дека овој превод ќе им помогне на многу читатели да го пронајдат патот кој води до вечен живот во праведниот нов свет, кој ќе го воспостави Семоќниот Бог (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13).
Издавачите