12 Некои географски карактеристики на библиските земји
Реки и потоци. Иако изразот „река“ во Библијата главно се однесува на вистински реки што никогаш не пресушуваат (на пример, Еуфрат и Јордан), во некои случаи не се однесува на постојани водни текови. Поголемиот број „реки“ во Палестина всушност се долини (речни корита), кои во текот на летните месеци се суви, но во дождовната сезона или кога се топат снегот и мразот од планините низ нив течат порои (1Ца 17:7; 18:5). На хебрејски се наречени нахал. Тој збор може да се однесува на долината низ која има таков водотек (1Мо 26:19; 2Ца 3:16; Јов 30:6; Пнп 6:11), но и на самиот водотек (1Ца 17:4; Пс 110:7). Некои изучувачи го наведуваат изразот „поројно корито“, или „поројна долина“ како попрецизен превод. Во овој превод на Библијата тој израз е преведуван според контекстот, со поимите ‚река‘, ‚(речна) долина‘ и ‚поток‘.
Во Јов 6:15 таквите водотеци се нарекуваат ,зимски порои‘. Кога во зима тие реки надоаѓаат поради топењето на снегот и мразот, во нив силно тече огромна количина вода. Но, на лето, кога водата е најпотребна, тие пресушуваат, па луѓето и животните остануваат жедни. Јов ги споредил своите пријатели со „зимски порој“ бидејќи го изневериле во време кога требало да го утешат. Изразот „зимски порои“ се користи и во Про 1:7, каде очигледно станува збор за водотек.
Меѓу „реките“, односно поројните долини кои се спомнуваат во Библијата се: Араба (Ам 6:14), Арнон (5Мо 2:36), Весор (1Са 30:9), Герар (1Мо 26:17), Египет (ИсН 15:4), Есхол (4Мо 13:23), Заред (5Мо 2:13), Јавок (5Мо 2:37), Кана (ИсН 16:8), Кедрон (2Са 15:23), Кисон (Су 4:7), Сорек (Су 16:4) и Херит (1Ца 17:3).
Пустина. Изразот „пустина“ се користи на многу места во Библијата. Меѓутоа, тој ретко се однесува на песочна пустина слична на некои делови од Сахара, во кои нема ништо друго освен песок. Изворните изрази преведени со поимот „пустина“ (на некои места со „пустелија“) главно се однесуваат на ненаселени подрачја. Во такви „пустини“ може да расте ретка вегетација, па дури и по некое дрво (Ере 17:6; Езе 19:13), а во нив може да има и пасишта (Пс 65:12; Ере 23:10; 2Мо 3:1). Во нив можат да живеат разни видови птици, влекачи, планински кози, диви магариња, зебри, камили, шакали и волци (3Мо 11:30; 5Мо 32:10, 11; 1Са 24:2; Јов 39:5, 6; Пс 140:3; Иса 34:11-15; Ере 5:6). Во нив може да има и резервоари за вода (2Ле 26:10), куќи, па дури и градови (1Ца 2:34; ИсН 15:61, 62; Иса 42:11). Но, главно, тоа е ретко населено, необработувано подрачје (Ере 2:2). На многу места со изразот „пустина“ главно се мисли на негостољубивоста и ненаселеноста на подрачјето, а не на степенот до кој е покриено со вегетација.
Пустина се нарекува и подрачјето низ кое Израелците талкале 40 години, патувајќи од едниот крај до другиот, низ Сур, Син, Синај и Фаран (2Мо 15:22; 16:1; 19:1; 4Мо 10:12; 20:1). Со исклучок на изолираните оази, на Синајскиот Полуостров има претежно песок, чакал и камен, а во сувите речни долини расте и ретка вегетација. Иако таа пустина не личи на Сахара, сепак е многу негостољубива. Без Божја помош Израелците не би преживеале во ‚големата и застрашувачка пустина, во која имало змии отровници и скорпии и жедна земја без вода‘ (5Мо 1:19; 8:15).