Пердувестиот кловн од езерото Викторија
Од дописникот на Разбудете се! од Кенија
НАШИОТ чамец се лизга по мирните води на езерото Викторија кога наеднаш ни се појавува пред очи. Таму, заглавено во главниот чатал на едно старо дрво кое виси над езерото, стои огромно птичје гнездо. Има дијаметар од околу 2 метри — доволно големо да предизвика страв дека во тоа гнездо живее некое суштество слично на птеродактил.
И покрај тоа, решени да го видиме гнездото, го врзуваме чамецот за еден голем камен близу масивното дрво, и сите се искачуваме до чаталот за да го погледнеме одблиску. Сите — освен возачот на чамецот. Луѓето од езерото по секоја цена избегнуваат било какви контакти со таа птица. Дури и името ѝ звучи одбивно — чеканоглава чапја.
Додека му приоѓаме, забележуваме дека гнездото не личи на ниту едно друго гнездо кое некогаш сме го виделе. Тоа и на мажјакот и на женката им одзема три до четири дена трескавична работа за да го положат само „темелот“ на нивниот дом, за кој повеќе може да се рече дека е лабаво конструирана подлога слична на чинија. Таа се состои од трски, прачки и слама. Кога се готови со оваа фаза на конструирање, ги градат ѕидовите наоколу, а потоа одзади почнуваат со покривот. Кога покривот е изграден до половина, женката се вгнездува во домот. Таа седи во гнездото додека мажјакот и понатаму бара градежен материјал.
Кога ќе завршат со предната страна, го обложуваат со кал однадвор и во внатрешната одаја. Потоа, на страните и на покривот додаваат различни лесни материјали што ќе помогнат гнездото да стане водоотпорно и топло. На крајот, нивниот дом е „украсен“. Лименки, змиски кожи, партали — навистина сѐ што мажјакот можел да најде — се додадени на врвот од гнездото. Целиот проект одзема пет до шест седмици.
Откако завршува нашата инспекција на гнездото, се симнуваме назад во чамецот и чекаме. Не поминува долго, а чеканоглавата чапја грандиозно се појавува, спуштајќи се право на покривот. Но на наше изненадување, тоа не е огромна птица. Долга е само половина метар, темнокафеава и прилично обична на изглед. Освен нејзината глава. Остриот клун напред и долгата кикиришка назад ја прават главата како чекан со чаталест крај за вадење шајки. Оттаму и нејзиното име чеканоглава чапја.
Чеканоглавата чапја наскоро започнува со танцот по кој стекнала име како пердувест кловн. Мажјакот продорно креска и почнува да танцува и да скока наоколу. Наскоро се појавува неговата партнерка, му скокнува на грб и му се придружува во смешната кореографија. Меѓутоа, танцот на птицата не е завршен. Сега се залетува од својата крајезерска палата и се спушта на грбот од заспаниот нилски коњ. Кога нилскиот коњ се раздвижува, тињестото дно на езерото се размешува. Исплашените жаби испливуваат на површината и — шлап — чеканоглавата чапја ги уловува. Малите риби, црви, инсекти и ракчиња исто така се на нејзиното мени.
Било да ја наречете кловн или мајсторски градител, чеканоглавата чапја плени — уште еден пример на бескрајното богатство на идеи на нашиот Творец.
[Слика на страница 31]
Чеканоглава чапја и нејзиното гнездо