Совест, зошто ме измачуваш?
„О КУКАВИЧНА совест, колку ме измачуваш!“ Тие славни зборови, кои ги изговорил кралот Ричард III во истоимената Шекспирова драма, ја опишуваат грижата која може да ја предизвика човечката совест. Во стварниот живот, совеста го вознемирила и променила животот на многу луѓе.
Силата на совеста беше добро илустрирана преку неодамнешниот случај со еден млад Италијанец. Неговата работа како безбедносен чувар вклучувала транспортирање на огромна сума пари. Сѐ било добро додека еден ден не потпаднал под искушението да украде една вреќа во која се наоѓале 300.000.000 лири [185.000 долари]. Бидејќи работел со двајца колеги и не било можно да се одреди кој од нив ги украл, сите тројца добиле отказ од работа.
Ги сокрил украдените пари со намера да ги употреби откако ќе се стивне бурата. Наместо тоа, започнало неочекувано измачување: Не можел да се ослободи од помислата дека неговите недолжни колеги се отпуштени од работа. Совеста не му давала мир ниту еден момент. Не можел да спие. Не можел да јаде. Неговото друштво станало неподносливо.
Конечно, совладан од чувството на вина и исцрпен од својата внатрешна борба, отишол в полиција и ги предал украдените пари. Им кажал: „Премногу ме гризе совеста. Не можам повеќе да издржам!“ Додал: „Подобро в затвор, но чесен, отколку слободен, а со совест која те осудува како крадец“.
Совеста е Божји дар за сите луѓе. Таа може да нѐ обвинува или оправдува. Кога ја слушаме, може да нѐ спречи да погрешиме и нѐ наведува разумно да отфрлуваме сериозни престапи. Затоа, наместо да ги игнорираме нејзините убоди или со лутина да ја проколнуваме како Шекспировиот крал Ричард III, нашата совест треба да ја цениме и чуваме (Римјаните 2:14, 15).
Доколку сакате повеќе информации за Библијата и нејзините практични совети, ве молиме да контактирате со Јеховините сведоци во Сала на Царството која ви е најблиску, или да пишете на најблиската адреса од 5. страница.