Толку многу луѓе живеат и умираат во отепувачка сиромаштија!
ЈАТИ ја напушта својата барака, во една југоисточна азиска земја, и оди во фабриката каде што шие парчиња од кожа и чипка за чевли. За еден месец работење — 40 часа седмично плус 90 часа прекувремена работа — таа заработува помалку од 80 долари. Чевларската фирма каде што е вработена, со гордост се прикажува себеси како совесен подржувач на човековите права во помалку развиените земји. Во западниот свет, оваа фирма ги продава чевлите за нешто повеќе од $ 60 по пар, од кое можеби $ 1,40 оди за платата.
Кога Јати „ја напушта чистата и осветлена фабрика“, вели еден извештај од Boston Globe, „таа има толку пари колку само да изнајми една колиба од 3 на 3,6 метри, со валкани ѕидови и полна со гуштери. Нема намештај и поради тоа Јати и двете цимерки спијат во свиткана положба на под од кал и плочки“. За жал, нејзината состојба е типична.
„Дали овие луѓе се подобро ситуирани со мене или без мене?“, приговара шефот на едно трговско претпријатие. „Малата плата им овозможува да водат еден пристоен живот. Можеби не живеат на висока нога, но сепак не умираат од глад.“ Но, често пати тие се недоволно исхранети и нивните деца многупати си легнуваат гладни. Тие секојдневно се соочуваат со ризици на опасните работни места, а многумина постепено умираат поради работење со отрови и токсични отпадоци. Тоа е еден „пристоен живот“?
Хари, еден земјоделски работник од јужна Азија, поинаку гледал на работите. Тој со зборови и со поетска речитост го опишал мрачниот циклус на животот и смртта, што постоел насекаде околу него. „Помеѓу аванот и толчникот“, рекол тој, „пиперката не може долго да остане. Ние сиромашните сме како пиперки — секоја година нѐ здробуваат и наскоро нема ништо да остане од нас.“ Хари никогаш не го видел тој „пристоен живот“ нити имал некаков поим за животот на висока нога што веројатно го живееле неговите работодавачи. После неколку дена, Хари умрел — уште една жртва на отепувачката сиромаштија.
Мноштва живеат и умираат како Хари. Тие венеат во беда, премногу слаби за да се спротивстават, затоа што се исцедени во текот на животот. Од кого? Какви луѓе би го направиле тоа? Тие изгледаат доста љубезно. Велат дека сакаат да ве снабдат со храна за бебето, да помогнат да пораснат вашите посеви, да ви го подобрат животот и да ве збогатат. Во реалноста, нивната цел е самите да се збогатат. Треба да се продадат производи и да се жнее профитот. Ако нуспроизводите на нивната алчност се неисхранети деца, отруени работници и загадена околина, нека биде така. Тоа е цена која фирмите спремно ја плаќаат за нивната алчност. Затоа, како што се зголемува профитот, така се зголемуваат и цифрите на жртвите, кои го кинат срцето.
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија на ОН 156200/Џон Исак