Болката кога ќе ги пуштите да си заминат
„Дента кога се роди нашето прво бебе, мојот сопруг ме предупреди: ‚Подигањето деца, душо, е едно долго заминување‘“ (Ourselves and Our Children—A Book by and for Parents).
ПОВЕЌЕТО родители се среќни — па дури и восхитени — кога ќе се роди нивното прво дете. И покрај сите непријатности, неприлики, болки, фрустрации и вознемирености што ги донесува родителството, децата можат да бидат извор на огромна радост. Пред околу три илјади години, Библијата изјавила: „Децата се подарок од ГОСПОДА; тие се вистински благослов“ (Псалм 127:3, Today’s English Version).
Меѓутоа, Библијата го дава и ова трезвено предвидување: „Ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја“ (1. Мојсеева 2:24). Од различни причини, израснатите деца честопати си заминуваат од дома — за да добијат образование или кариера, да ја прошират својата христијанска служба, да стапат во брак. Но, за некои родители, ваквата реалност едноставно е премногу болна. Тие допуштаат природната борба на нивните деца да станат независни да предизвика кај нив — како што се изразила една писателка — „да се чувствуваат навредени, разгневени, засрамени, загрозени или отфрлени“. Ова честопати преминува во бескрајна борба и напнатост во семејството. Одбивајќи да се соочат со денот кога нивните деца ќе го напуштат гнездото, некои родители пропуштаат да ги подготват за полнолетството. Жетвата што се жнее од таквото запоставување може да биде ужасна: возрасни кои се лошо подготвени да го водат домот, да се грижат за семејството, па дури и да задржат работа.
Болката од раздвојувањето може да биде особено силна во семејствата со еден родител. Една самохрана родителка по име Карен, вели: „Ќерка ми и јас сме блиски; развивме една вистинска врска на пријателство. Ја земав секаде каде што одев“. Блиските односи родител—дете се вообичаени во домаќинствата со еден родител. Се разбира, помислата на губиток на таквата блискост може да биде разорувачка.
Меѓутоа, книгата Traits of a Healthy Family ги потсетува родителите: „Во тоа се состои семејниот живот: да одгледаш едно зависно дете во возрасен човек кој е своја личност“. Потоа предупредува: „Многу проблеми во семејствата произлегуват од неспособноста на родителите да ги пуштат децата да си заминат“.
Како е со Вас? Дали сте родител? Ако да, дали сте подготвени за денот кога ќе мора да ги пуштите Вашите деца да си заминат? А што е со Вашите деца? Дали ги подготвувате да успеат сами?