Ранливи гледачи
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД ФИНСКА
НА МНОГУ деца, филмовите, телевизијата, видеокасетите, DVD-ата, електронските игри и Интернет им се составен дел од животот. Во еден неодамнешен извештај на Финскиот одбор за класифицирање на филмовите се вели дека „според некои проценки, децата поминуваат помеѓу 20 и 30 пати повеќе време во вакви активности отколку со своето семејство“.a За жал, ова ги изложува децата на многу штетен материјал.
Во некои земји властите се обидуваат да ги заштитат децата со тоа што ги класифицираат визуелните програми и одредуваат за која старосна група се наменети. Меѓутоа, според извештајот, децата и нивните родители честопати не ја разбираат оваа класификација или, пак, не ѝ придаваат големо значење. Освен тоа, многу кина и видео-клубови не ги почитуваат ограничувањата во поглед на старосните групи. Покрај тоа, некои програми и филмови дури не се ни класифицирани.
Една наставничка што била вклучена во истражувањето рекла: „Изгледа дека учениците не го сметаат некој материјал за насилен сѐ додека во него нема крв“. Голем број видео и компјутерски игри — па дури и цртани кои се направени специјално за децата — содржат материјал што може да биде штетен за гледачите.
Во извештајот се вели дека „најголемата одговорност за тоа какви филмови и телевизиски програми гледаат децата“ ја има семејството. На крајот од извештајот се поставува едно прашање што тера на размислување: „Дали ние, како возрасни, имаме волја и сила и дали знаеме како да ги заштитиме децата од штетните ефекти на медиумите?“
[Фуснота]
a Извештајот „Старосни граници за визуелните програми и заштитата на децата“ се темели на едно истражување во кое беа вклучени околу 340 ученици од основните училишта и нивните родители и наставници.