Скоро неуништливите тардигради
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
◼ КОГА би можел да ја пребараш секоја средина на планетава каде што има вода — мовта, мразот, реките, жешките извори, езерата, океаните, па дури и сопствената бавча — има големи шанси да наидеш на тардиградите, едни од најиздржливите суштества во сето творештво. Тие се толку малечки што едвај се гледаат. Имаат кратко тело кое се состои од четири дела и е покриено со заштитен слој кожа (кутикула), а имаат и четири пара нозе кои на крајот завршуваат со канџички.
Името тардигради значи „бавни пешаци“. Познати се стотици видови, а женките положуваат од едно до 30 јајца одеднаш. Во само неколку грста мокар песок или земја можат да се најдат десетици илјади од овие ситни суштества. Особено ги има во мовта што расте на покривите.
Тардиградите можат да преживеат во најекстремни услови. „Некои видови што најпрво биле чувани осум дена во вакуум, па три дена во гасот хелиум на собна температура, и на крајот биле изложени неколку часови на температура од –272 степени Целзиусови, повторно оживеале кога биле оставени на нормална собна температура“, се вели во Encyclopædia Britannica. Освен тоа, тие можат да преживеат и ако бидат изложени на рендгенско зрачење кое е стотици пати поголемо од она што би ги убило луѓето. И, барем теоретски, тие веројатно би можеле некое време да преживеат дури и во безвоздушниот простор во вселената!
Нивната тајна се состои во способноста да западнат во состојба слична на смрт при која метаболизмот им се забавува на помалку од 0,01 отсто од нормалниот — тогаш кај нив практично не се забележуваат никакви знаци на живот! За да влезат во оваа состојба, тие ги вовлекуваат нозете во телото, ја заменуваат загубената вода со посебен вид шеќер и се свиткуваат во ситно, восочно клопче наречено тун. Кога ќе се вратат во нормални, влажни услови, повторно заживуваат во период од неколку минути до неколку часови. Во еден случај, тардигради кои 100 години се наоѓале во состојба на замреност биле успешно оживеани!
Да, на својот тивок но прекрасен начин, овие малечки „лазачи“ го фалат Јехова (Псалм 148:10, 13).
[Извор на слика на страница 30]
© Diane Nelson/Visuals Unlimited