Случајно или создадено?
Термитници со „климатизација“
◼ Термитниците со добра причина се наречени инженерско чудо. Овие импресивни кули од земја и плунка можат да бидат високи и до 6 метри. Ѕидовите, кои се дебели околу 40 сантиметри, се печат на сонцето сѐ додека не се стврднат како бетон. Некои од овие могили се изградени буквално преку ноќ.
Некаде во средината на термитниците живее кралицата, која може да снесе по неколку илјади јајца дневно. Термитите-работници, кои инаку се слепи и немаат крилја, ги носат јајцата во други простории, посебно изградени со таа намена. Таму се грижат за ларвите додека се изведуваат. Но, можеби најголемото чудо во врска со термитниците е нивниот систем за проветрување.
Размисли: Благодарение на еден систем од ходници, температурата во термитниците постојано е иста, сеедно какво е времето надвор. На пример, надворешната температура во Замбија (Африка) најчесто се движи од 2°С ноќе до над 40°С дење. Сепак, температурата во термитниците е секогаш 31°С. Зошто?
Преку отворите за проветрување, направени на посебно одбрани места на дното од термитниците, влегува свеж, а излегува стариот воздух. Поладен воздух влегува преку една подземна просторија од каде што кружи низ ходниците и останатите простории. Термитите ја регулираат температурата така што, по потреба, ги отвораат и ги затвораат отворите. Температурата мора да остане иста за да можат термитите да одгледуваат габи — нивната основна храна.
Термитниците се изградени на толку прекрасен начин што слична техника била применета и при изградбата на една деловна зграда во Зимбабве. Таа троши само 10 отсто од струјата што е потребна за напојување на еден стандарден систем за климатизација во зграда со иста големина.
Што мислиш? Дали способноста да ја регулираат температурата во своите гнезда термитите ја имаат случајно или е доказ дека зад неа стои Творец?
[Извори на слики на страница 25]
Горе: Stockbyte/Getty Images; долу: Scott Bauer/Agricultural Research Service, USDA