Восхитени од природата!
НАУЧНИТЕ истражувања ни помогнале да дознаеме многу за вселената. Денес, човештвото има многу поголемо знаење за неа — од нејзините најситни честички до нејзините огромни пространства. Сепак, има уште многу што можеме да научиме за вселената, но сега-засега тоа е несфатливо за нашиот ум.
Планетата на која живееме е само точка во целиот космос. Сепак, природниот свет на Земјата нѐ восхитува со својата неизмерна сложеност и убавина — прекрасните цветови, живописните глетки, величествените перја на птиците, крилцата на пеперутката, залезот со пламена боја или насмевката на некој што го сакаш.
Многу луѓе нашле доволно докази во вселената кои ги уверуваат дека постои еден мудар Творец. Како што велат тие, физичките закони се толку прецизно усогласени што овозможуваат да има живот. Да беа овие закони поставени само малку поинаку, немаше да постои никаков жив свет. А денес сме опкружени со најразлични форми на живот.
Космологот Пол Дејвис пишува: „Сѐ во вселената толку добро функционира како по една шема... Природата не е некаков збир од случајни настани, туку производ на генијално ускладени математички закони“. Некои научници се согласуваат со овој космолог. Но, има и други кои не го делат неговото мислење.
На пример, физичарот Стивен Вајнберг, добитник на Нобелова награда, рекол: „Колку повеќе ја разбираме вселената, толку побесмислена ни изгледа“. Иронично е тоа што истиот физичар изјавил дека „природата понекогаш изгледа поубава отколку што е потребно... Ова неминовно нѐ води до заклучокот дека сета таа убавина постои заради нас“.
Тогаш, што е точно? Ако постои таков прецизен склад, зарем не треба да постои и некој — Творец, Создател — кој го усогласил сето тоа со одредена намера? Дали нашиот живот и вселената постојат со некаква цел, или сме тука само поради некои случајни и бесмислени физички процеси? Одговорот на овие прашања ќе го најдеш во следните статии.