Поглавје 79
Изгубена нација, но не целата
НАБРЗО после Исусовиот разговор со оние кои се беа собрале пред куќата на фарисејот, некои му кажуваат за „Галилејците чија крв [римскиот управител Понтиј] Пилат ја беше помешал со нивните жртви“. Можеби тие Галилејци биле убиени кога илјадници Евреи протестирале против Пилат бидејќи тој употребил пари од ризницата на храмот за изградба на водовод за да доведе вода во Ерусалим. Оние кои му го раскажуваат ова на Исус можеби укажуваат дека Галилејците ја доживеале таа несреќа поради своите зли дела.
Меѓутоа, Исус ги исправа и ги прашува: „Мислите ли дека тие Галилејци се покажаа како полоши грешници од сите други Галилејци затоа што пострадаа од тие работи? Навистина не“, одговара Исус. Потоа, го користи овој настан за да ги предупреди Евреите: „Ако не се покаете, сите ќе бидете уништени исто така“.
Во продолжение, Исус се присеќава на една друга локална трагедија која можеби исто така е поврзана со изградбата на водоводот. Тој прашува: „Или мислите дека оние осумнаесетмина, врз кои падна кулата во Силоам и ги уби, се покажаа како поголеми должници од сите други луѓе кои живеат во Ерусалим?“ Не, тие луѓе не загинале поради својата злоба, вели Исус. Напротив, за таквите трагедии обично се одговорни „времето и непредвидениот настан“. Меѓутоа, Исус уште еднаш ја користи приликата за да ги предупреди: „Ако не се покаете, сите ќе бидете уништени на истиот начин“.
Потоа Исус продолжува со една пригодна илустрација: „Еден човек имаше засадено смоква во своето лозје и дојде да бара плод од неа, но не најде. Тогаш на лозарот му рече: ‚Еве има веќе три години како доаѓам да барам плод од оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Па, зошто поради неа и земјата да биде бескорисна?‘ А тој, одговарајќи, му рече: ‚Господару, остави ја уште оваа година, додека скопам околу неа и ја наѓубрам; па ако во иднина дава плод, добро; а ако не, ќе ја пресечеш‘“.
Исус повеќе од три години се обидувал да негува вера кај еврејската нација. Но, само неколку стотици ученици можат да се вбројат во плодот на неговиот труд. Сега, во оваа четврта година од својата служба, тој ги засилува своите напори, симболично копајќи ја и ѓубрејќи ја еврејската смоква така што ревно проповеда и поучува во Јудеја и Переја. Но, без успех! Нацијата одбива да се покае и затоа ја чека уништување. Се одѕива само еден остаток од нацијата.
Кратко потоа, Исус поучува во една синагога на Сабат. Таму здогледува жена која, измачувана од демон, 18 години била свиткана вудве. Исус сочувствително ѝ се обраќа: „Жено, ослободена си од својата немоќ“. Потоа ги положува рацете врз неа, и таа веднаш се исправа и почнува да го слави Бог.
Меѓутоа, претседавачкиот службеник на синагогата е лут. „Има шест дена на кои треба да се работи“, протестира тој. „Затоа, доаѓајте и лекувајте се на тие денови, а не на сабатен ден.“ На тој начин службеникот ја признава Исусовата моќ да лекува, но го осудува народот бидејќи доаѓа да се лекува на Сабат!
„Лицемери“, одговара Исус, „не го одврзува ли секој од вас на сабат својот бик или своето магаре од јаслите и не го одведува ли да го напои? А оваа жена, Авраамова ќерка која Сатана ја држел врзана, еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да биде ослободена од тие окови на сабатен ден?“
Кога го слушаат ова, оние кои му се противат на Исус се засрамуваат. Меѓутоа, мноштвото се радува на сите величествени работи што гледа дека ги прави Исус. Како одговор, Исус повторува две пророчки илустрации во врска со Божјето Царство, илустрации кои околу една година пред тоа ги кажал од чамец на Галилејското Море. Лука 13:1—21; Проповедник 9:11, NW; Матеј 13:31—33.
▪ Кои трагедии се спомнати овде, и каква поука дава Исус од нив?
▪ Каква е примената во врска со неплодната смоква, како и со обидите да се направи плодна?
▪ Како претседавачкиот службеник ја признава Исусовата способност да лекува, но како Исус сепак го разоткрива неговото лицемерство?