Објавителите на Царството известуваат
‚Жетва‘ во Венецуела
Во една прилика Исус го споредил делото на проповедање со годишната жетва (Матеј 9:36-38). Господарот на жетвата е Јехова Бог, а жетвата е навистина голема по целата земјина топка. Тоа го вклучува и ретко обработуваното подрачје на Венецуела.
Венецуелската подружница на Друштвото Стражарска кула известува што се случило кога група Сведоци го обработувале подрачјето на Сабана Гранде во државата Гуарико. Сведоците раскажуваат: „Куќата во која требаше да престојуваме беше добро место за состаноци, затоа веднаш почнавме да ги покануваме луѓето на состаноци. Луѓето не знаеја за Јеховините сведоци. Иако во градот имаше четири евангелски групи, луѓето беа спремни да учат од Библијата.
„Работевме по три часа наутро и три попладне, одејќи од куќа до куќа и поканувајќи ги луѓето на состанок утревечерта. Немавме столови, па затоа им рековме да си понесат свои. Кога се приближи времето за почеток на состанокот, луѓето почнаа да доаѓаат, и секој си носеше стол. Кога заврши состанокот, им рековме дека би сакале да ги запишеме имињата на оние кои сакаат да добијат бесплатна домашна библиска студија. Сите 29 присутни сакаа имињата да им бидат запишани на списокот.
Додека ја затворавме вратата зад последниот посетител, забележавме тројца мажи кои стоеја на аголот од куќата. Околу девет часот, се подготвувавме да седнеме да вечераме кога затропаа на вратата. Поставуваа прашања како што се: ‚Какво е ова проповедање што го вршите во градов? Од каква причина имавте состанок овде вечерва?‘
Ги прашавме дали сме прекршиле некој закон. Тие рекоа не и рекоа дека се пастори на три евангелски цркви во градот. Беа вознемирени бидејќи таа вечер нивните цркви беа празни. Ги поканивме внатре и им го објаснивме нашето дело. Исто така им оставивме литература и ги замоливме повторно да дојдат идниот четврток.
Следниот четврток пасторите се вратија со уште 22 други поединци кои сакаа да чујат што ние имавме да кажеме. Пасторите мислеа дека, бидејќи сме жени, не ќе можеме да се споредиме со нив во разговор. Сепак, од наше гледиште состанокот беше успешен. На крајот им објаснивме дека правиме список на оние кои сакаат да научат повеќе од Библијата. Повеќе пријатели на пасторите сакаа да се запишат на списокот, а некои дури рекоа дека сакаат да одат со нас во делото на проповедање!
Им објаснивме дека ќе им треба повеќе библиско познавање и оспособување пред да можат да ни се придружат во делото на проповедање. Секој ден доаѓаа луѓе во куќата и нѐ молеа да им ја објасниме Библијата. Понекогаш, кога зборувавме до доцна во ноќта, моравме да ги замолиме да си одат дома. Кога на крајот моравме да го напуштиме подрачјето, им беше многу жал и ни рекоа дека кога ќе се вратиме, ќе одат со нас во делото на проповедање. Ни ветија дека дотогаш ќе го имаат постигнато потребниот напредок.“
Кога Сведоците го напуштија тоа подрачје, таму имаше 40 лица кои сакаа да ја проучуваат Библијата. Имињата на тие заинтересирани луѓе беа дадени до најблиското собрание, оддалечено околу 50 километри. Подоцна, некои Сведоци од еден друг град се преселија во овој град и се оформи група од ревносни објавители на добрата вест.