Крстот — симбол на христијанството?
СО ВЕКОВИ, мноштва луѓе го прифаќале крстот како симбол на христијанството. Но дали тој навистина е тоа? Многумина кои искрено верувале дека е така сосема се изненадиле кога сознале дека крстот воопшто не е симбол својствен само за христијанството. Напротив, тој бил нашироко употребуван во нехристијанските религии ширум светот.
На пример, во почетокот на 15. век, кога Хернан Кортес и неговата „христијанска“ војска се подготвувале за напад на Ацтечкото царство, носеле знаме со прогласот: „Да го следиме знакот на Светиот Крст во вистинска вера, зашто под овој знак ќе победиме“. Тие сигурно биле изненадени кога откриле дека нивните пагански непријатели обожавале крст кој воопшто не се разликувал од нивниот. Книгата Great Religions of the World коментира: „Кортес и неговите следбеници отстапиле од жртвувањата на луѓе што ги вршеле Ацтеците и од она што изгледало како сатански пародии на христијанството: . . . обожавање на симболи на ветрот и богови на дождот во облик на крст“.
Во една уводна статија во списанието La Nación, писателот Хозе Алберто Фурке истакнува дека во втората половина на 18. век почнала „огнена и возбудлива дебата помеѓу антрополозите и археолозите за потеклото и значењето на симболите во облик на крст“ коишто биле пронајдени низ цела Средна и Јужна Америка. Очигледно, некои биле толку желни да го заштитат статусот на крстот како единствен „христијански“ симбол, така што ја предложиле теоријата дека Американците некако биле евангелизирани пред Колумбовото прочуено патување. Ова неуверливо гледиште морало да биде отфрлено како недокажано.
Со текот на времето, натамошните откритија на ова поле ги окончале сите дебати. Фурке забележува: „Во едно дело од Смитсонскиот институтот, објавено во 1893, беше установено дека крстот веќе бил обожаван . . . многу порано пред да допатува првиот Европеец во Северна Америка, што ја потврдува теоријата . . . дека таков симбол се појавил во сите заедници како дел од нивното култно обожавање на силите кои создаваат живот“.
Библијата покажува дека Исус воопшто не бил погубен на вообичаен крст, туку на обичен столб или ставро́с. Овој грчки збор, што се споменува во Матеј 27:40, во основа значи обична греда или столб, како оние што се користеле за поставување на темели на згради. Затоа, крстот никогаш не го претставувал вистинското христијанство. Правиот симбол или „знак“ на вистинското христијанство го означил Исус Христос, кога на своите следбеници им рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).