Тутунот и свештенството
ПРЕД повеќе од 115 години, докторот по медицина Џон Кауан, напишал книга под наслов Употребата на тутунот наспроти чистотата, непорочноста и челичното здравје (The Use of Tobacco vs. Purity, Chastity and Sound Health). Со оглед на она што се дознало за штетните последици од тутунот во последниве години, неговите забележувања дека свештенството употребува тутун биле далекосежни и се однесуваат на секој кој бара да му служи на Бог денес. Во 4. поглавје, кое зборува за моралното влијание на употребата на тутунот, д-р Кауан наведува:
„Ако употребата на тутунот е физички погрешна — како што е јасно покажано — таа мора неопходно да е морално погрешна; зашто психолошки закон е дека ‚сѐ што го расипува или раздразнува телото, го оштетува и нервниот систем, преку него мозокот, а со тоа и умот‘. Умот на еден човек — неговите мисли, изрази, дела — се наоѓаат под влијание на начинот на кој тој ја употребува или злоупотребува својата физичка природа. Тутунот, по самото негово име и асоцијации, е валкан, и — не земајќи ја во обѕир штетата што ја прави — како можат во умот да настануваат или да се развиваат чисти, праведни, морални чувства и постапки. Замисли си — ако воопшто може да се замисли такво нешто — Христос, додека го живеел Својот примерен живот на Земјата, поучувајќи и проповедајќи за чистота, непорочност и милосрдност, да пушел, шмркал и џвакал тутун. Зарем не звучи богохулно самата помисла? А сепак, свештениците — следбеници, проповедници и толкувачи на Неговите закони и науки — ги валкаат своите тела и ги трујат своите души со тој валкан и отровен троскот. Дали можат таквите мажи или нивните следбеници да водат живот сличен на Христовиот — високо морален живот? Мислам дека не“.
„Обиди се ако можеш да си претставиш некој кој ненаситно јаде, некој кој е зависен од вино или корисник на тутун, и тоа да го поврзеш со светост на срцето? Таквата асоцијација содржи нешто неприродно, гнасно, одбивно. Како што се нарушува телесниот апетит и оштетуваат надворешните сетила, така се расипува и внатрешниот човек, моралната природа станува одвратна. Чистиот дух не сака и не може да живее во валкана куќа. Постои природна поврзаност помеѓу материјалните и духовните работи, така што особините на едното го одредуваат карактерот на другото. Професор по религија, а роб на тутунот . . . Тој може со сета отвореност и искреност да признае дека употребата на тутунот е убиствена навика, морално погрешна; сепак, тој внатре во себе наоѓа поттик, закон на неговите органи, кој се создава по вештачки пат, кој го наведува на ненаситно копнеење да продолжи со навиката, и тој вештачки закон може да биде посилен отколку неговиот природен разум и совеста заедно. Зарем употребата на тутунот не е очигледно кршење на еден од Божјите закони всадени во нашиот организам? Зарем кршењето на било кој Божји закон не е престап и грев? И ако еден човек од навика живее со прекршување на еден од Божјите закони, нема ли лесно и природно да премине на кршење на другите закони? И на крајот, како може некој човек да биде сметан за морален учител, кој, со своето сопствено однесување, на своите ближни им препорачува живот со постојано престапување на законите на неговото битие?“