Крштевање! Крштевање! Крштевање! Но, зошто?
„ЗА САМО неколку месеци крстив преку десет илјади мажи, жени и деца.“ Така пишувал језуитскиот мисионер Френсис Хавиер во врска со своето дело во кралството Траванкор (Индија). „Одев од село до село и од нив правев христијани. И секаде каде што одев оставав примероци на наши молитви и заповеди на нивниот мајчин јазик.“
Крајно импресиониран од писмата на Френсис Хавиер, португалскиот крал Жоау заповедал тие да бидат гласно прочитани од секоја свештеничка говорница во неговото кралство. Штотуку цитираното писмо од јануари 1545 дури било одобрено и за публикување. Каков бил резултатот? „Наскоро мнозина од студентите во Европа ‚паѓајќи на колена и леејќи врели солзи‘, со викање барале да одат во Индија и да ги преобратат безбожниците“ — пишува Манфред Бартел во својата книга The Jesuits—History & Legend of the Society of Jesus. Тој додал: „Изгледа дека во тоа време на многумина не им паѓала на ум помислата дека ќе биде потребно повеќе отколку само неколку попрскувачи со света водичка и торба со трактати за да се преобрати едно цело царство“.
Што всушност се постигнало со таквите масовни крштевања? Језуитот Николас Ланчилото реалистично го известил Рим: „Повеќето од оние кои се крштеваат имаат некаков прикриен мотив. Робовите на Арапите и Хиндусите се надеваат дека преку него [крштевањето] ќе постигнат слобода, или дека ќе се заштитат од некој угнетувачки господар или, едноставно, дека ќе добијат нова облека или турбан. Мнозина го прават тоа за да избегнат некоја казна. . . . Сите оние кои заради лични убедувања бараат спасение во нашите учења, ги сметаат за лудаци. Многумина отпаѓаат и се враќаат на своите поранешни обичаи, и тоа набргу откако ќе се крстат“.
Желбата да ги преобратат и крстат безбожниците ја споделувале и европските истражувачи од тоа време. Се вели дека Кристифор Колумбо го крстил првиот „Индијанец“ што го сретнал на Карибите. „Службеното гесло на шпанската Круна било преобраќањето на домородците да се стави на прво место“ — вели The Oxford Illustrated History of Christianity. „До крајот на шеснаесеттиот век, 7.000.000 Индијанци во Шпанската империја биле, барем на име, христијани. Од расположивите статистики во врска со преобраќањата (Педро де Ганте, роднина на императорот Карло V, кој им се придружил на мисионерите, раскажал за крштевањето на 14.000 лица за еден ден со помош на само еден придружник), очигледно е дека не биле можни претходни подуки“. Таквите површни преобраќања честопати биле придружувани со сурово, брутално, угнетувачко однесување кон домородците.
Важноста која му била придадена на крштевањето им дала потстрек на овие истражувачи и мисионери. Во 1493 на концилот во Фиренца, папата Евгениј IV издал декрет кој гласи: „Светото Крштевање зазема прво место меѓу сакраментите затоа што тоа ја претставува вратата на духовниот живот; зашто преку него ние сме станале членови на Христос и сме се соединиле со Црквата. А бидејќи преку првиот човек гревот влезе во сите, ако не се родиме повторно од вода и Светиот Дух, не можеме да влеземе во царството Небесно“.
Сепак, настанала препирка околу тоа чие крштевање е важечко. „Бидејќи тоа било и фундаментален обред за влегување во црковната заедница, набргу повеќе сопернички цркви крштевањето го прогласиле за повластица, а при тоа секоја од нив себеси се нарекувала исправна и ги обвинувала другите за ерес и отпадништво. Кај разни секти биле неизбежни и прилагодувања на обредите за крштевање“ — забележува The Encyclopedia of Religion.
Меѓутоа, практиката на крштевање е постара од христијанската вера. Тоа се обичавало во Вавилонија и во древниот Египет каде што се верувало дека ладните води на Нил ја зголемуваат силата и даруваат бесмртност. Грците исто така верувале дека крштевањето можело да донесе обновување, односно дека може да му прибави бесмртност на оној којшто се посветува. Еврејската секта од Кумран обичавала крштевање заради посветување во нивната заедница. Од паганите кои се преобраќале кон јудаизмот се барало да се обрежат и по седум дена да се крстат со потопување пред сведоци.
Очигледно, низ вековите на крштевањето му била придавана голема важност. А како е денес? Дали тоа е неопходно во овие модерни времиња? И ако да, зошто? Навистина, дали воопшто е потребно да се крстиш?