Таа се борела за својата вера
КАРИДАД Базан Листан, Јеховин Сведок од Кадиз (Шпанија) пред три години морала да оди итно на операција. Поради жолчните камења добила треска и труење на крвотокот. Кога ја примиле во локалната болница, го објаснила својот став кој се темели на Библијата, дека одбива да прими трансфузија на крв. Лекарите се согласиле да ја оперираат без крв. Меѓутоа, непосредно пред да биде однесена во операционата сала, лекарите барале од неа да потпише еден документ со кој било назначено дека ќе ја почитуваат нејзината одлука во врска со крвта, но во случај на критична ситуација, бараат дозвола да спроведат секаков третман кој го сметаат за нужен.
Еден собраниски старешина, кој бил присутен во болницата, како и синот на Каридад, исто така Сведок, ѝ кажале на Каридад за тоа што подразбира потпишувањето на таков формулар. Потписот би ги овластил лекарите да трансфундираат крв во случај на опасност. Кога дошол медицинскиот персонал за да ја однесат во операционата сала, објаснила дека нема да го потпише документот. Веднаш ја вратиле во нејзината соба и почнале на неа да вршат силен притисок за да го промени мислењето.
После повеќе разговори одлучиле да повикаат судија за тој да ја разувери, но попусто. Каридад објаснила дека би се чувствувала виновна пред Бог ако дозволи да ѝ дадат крв. Укажала дека под Мојсеевиот Закон доколку една жена била силувана, не била сметана за виновна кога пружала отпор и викала по помош (5. Мојсеева 22:23-27). „Лекарите ја игнорираат мојата желба и се обидуваат да ја повредат мојата совест“, рекла таа, „затоа јас морам да се опирам исто како кога би ме силувале.“
Поминале неколку саати, и на крајот лекарите се согласиле да оперираат без крв. Во операционата сала, Каридад замолила да ѝ дозволат да му се помоли на Јехова. Така таа се помолила, а операцијата била успешна.
Бидејќи состојбата на Каридад подоцна се влошила, лекарите решиле да преминат преку нејзината желба и со сила да ѝ дадат трансфузија на крв. Лекарот и сестрата подготвиле сѐ за трансфузија. И покрај тоа што била слаба, Каридад пружала отпор со сета сила. Се обидела дури и да ја прегризе цевката низ која крвта требала да поминува. На крајот лекарот толку многу се засрамил од начинот на кој постапувале, што се откажал. „Не можам тоа да го сторам. Се предавам!“, изјавил.
Каридад ја преживеала кризата и оздравела без понатамошни компликации. И лекарите и сестрите биле длабоко импресионирани од нејзината вера и храброст. Сето тоа се случило кога Каридад имала 94 години.