Брачните врски слабеат
ЕДНА млада мајка го гушкала своето двомесечно синче. Одеднаш, во напад на бес, го треснала од подот. Бебето умрело после неколку часа. „Намерно го треснав“, рекла мајката, „бидејќи мојот сопруг воопшто не се грижи за нас.“ Наместо да поразговара за тоа со него, таа го истурила својот гнев врз недолжното дете.
Малку мајки би прибегнале по такво очајно решение, но повеќето се чувствуваат слично. На брачните двојки им е сѐ потешко да ги направат успешни своите бракови. „Кога е мала можноста бракот да успее, како што денес е случај во Соединетите Држави,“ вели Journal of Marriage and the Family, „да се прифати цврста, неограничена обврска кон бракот . . . е толку ризично, што ниту еден човек со здрав разум не би презел такво нешто.“
Во овие немирни времиња неморалноста, неслогата, долговите, нетрпеливоста кон роднините на сопружникот и себичноста ги разгоруваат домашните караници кои многу често завршуваат со развод. Состојбата во Јапонија е толку сериозна што дури и Католичката црква, позната по својот цврст став против разводот, мораше да постави посебен одбор за да ја ублажи состојбата на своите разведени и повторно венчани членови. Со бракоразводни проблеми е погоден сѐ поголем број посетители на црквата.
Меѓутоа, бројот на разводите е само мал проблем кој зад себе крие далеку поголем проблем. Едно истражување во Соединетите Држави откри дека причината за зголемениот број разводи лежи во квалитетот на брачниот живот кој сѐ повеќе се распаѓа, а не општествените трендови поради кои денес полесно може да се добие развод. Доколку не се вложат напори и не се сфати како обврска, брачниот живот го губи својот сјај. Многумина однадвор изгледаат како брачна двојка, а воопшто не ја делат брачната соба и меѓусебно едвај зборуваат. Некои размислуваат како една жена од Ориентот која си купила сопствен одвоен гроб и рекла: „Не сакам да бидам со маж ми во гробот“. Бидејќи денес не може да се разведе од својот маж, сака барем после смртта. За жал, иако таквите луѓе не се разведени, за нив брачниот живот не е извор на среќа.
Тоа било случај и со Исао. Со својата сопруга се оженил од каприс и затоа немал никаков мотив да го смени својот егоистичен начин на живот. Иако добро заработувал како камионџија, сета своја плата ја трошел на храна и пијалок, воопшто не грижејќи се за своето семејство. Затоа, кавгите со жена му никогаш не престанувале. „Секогаш кога ќе ми тргнеше нешто наопаку“, се сеќава Исао, „одев дома и го истурав својот гнев врз семејството.“ Слично на еден вулкан кој не мирува, секојдневно ќе избувнела по некоја причина за развод.
Многу сопруги и сопрузи трпат во лоши бракови. Без обѕир дали ќе се разведат или не, не наоѓаат среќа. Дали за нив постои начин да успеат во својот брак? Што може да се стори за да ја зацврстат брачната врска?