Објавителите на Царството известуваат
Непоколебливоста донесува богати награди
ИСУС прорекол дека неговите следбеници ќе бидат прогонувани, а истото го рекол и апостолот Павле, како што е наведено во 2. Тимотеј 3:12: „Сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“. Но, непоколебливоста во служењето на Јехова Бог донесува богати награди.
◻ Тоа се покажало како точно во еден град на североисточниот брег на Малезија. Иако бил цврст будист кој строго ги воспитувал своите деца, таткото не можел да ги спречи трите ќерки и трите сина да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Дури и неговата жена покажала интерес за вистината. Еден ден, соседот му се исмејувал: „Како не успеваш да ги контролираш своите деца и дозволуваш да станат Јеховини сведоци? Сите мои деца заедно се со мене и нашата прататковска будистичка религија. Ти си за жалење!“
Таткото јурнал во куќата заканувајќи се дека ќе ја претепа сестрата која ги водела студиите со неговите деца. Меѓутоа, децата го смириле и продолжиле да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и да одат на состаноци со поддршка од мајка им.
На крајот, таткото го собрал целото семејство пред него. „Бирајте“ — заповедал —„или мене и да останете дома или да станете христијани и да си одите одовде“. Најстариот син, едно мошне мило момче, веднаш почнало да си ги пакува работите. „Не!“ — извикал таткото. „Бидејќи сте сите вие бунтовни деца, подобро јас да умрам“. Тогаш истрчал од куќата следен од семејството кое го молело да не се убие. Импресиониран од нивните молби, се вратил дома.
Времето минувало. Таткото почнал да го забележува добриот учинок на библиската вистина врз однесувањето на неговите деца. Еден ден, го сретнал соседот кој му се исмејувал, сега еден мошне тажен човек, кој рекол: „Многу сум разочаран од моите деца. Ме лажат и ме крадат“. Но, таткото чии деца студирале со Јеховините сведоци рекол: „О, моите деца се поинакви! Многу се љубезни кон мене и дури ми помогнаа да исплатам некои долгови за автомобилот кога останав без работа“.
Денес, трите ќерки и мајката се крстени. Едниот син е специјален пионер. А поранешниот непопустлив и бесен татко? Тој е денес пријателски расположен и присуствувал на Споменот.
Јехова го наградил синот и неговите три сестри како и мајка им за нивниот непоколеблив став за Него. Тие се денес ревни објавители на Царство со што го радуваат Јеховиното срце (Изреки 27:11).