Објавителите на Царството известуваат
Библиските вистини го обединуваат семејството
ДЕНЕС, во многу делови од светот, семејното единство е скоро само трага од минатото. Меѓутоа, Библијата ја открива тајната на семејното единство. Размисли за Исусовите зборови: „Секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен“ (Матеј 7:24). Илјадници семејства меѓу Јеховините сведоци постигнале единство, применувајќи ги овие зборови и употребувајќи ја Библијата како темел за градење на обединето семејство. Други, исто така, постигнуваат такво единство, како што покажува искуството што следи.
Додека Даниел служел војска во Франција, еден капелан му предложил да си купи Библија, како што и сторил, и почнал редовно да ја чита. Со текот на времето бил преместен на Тахити. Некои од војничките другари на Даниел биле Адвентисти, а други Мормони. Нивните разговори често се вртеле околу темата — религија. Еден ден, главниот наредник ѝ го претставил Даниел на својата сопруга, која била Јеховин сведок. Таа поминала едно цело попладне одговарајќи на Даниеловите многубројни прашања и го поврзала со едно од месните собранија на Јеховините сведоци на Тахити. Наскоро тој започнал редовна библиска студија.
Родителите на Даниел, кои живееле во Франција, биле мошне искрени католици. Неговиот татко бил училишен советник и бил одговорен за религиозни подуки во едно католичко училиште. Даниел, сакајќи да сподели со своите родители некои од духовните скапоцености што ги учел, постепено почнал да вметнува по неколку библиски мисли во своите писма до нив.
Даниеловата мајка отпрвин се воодушевила, но подоцна била шокирана кога го нашла името Јехова во едно од писмата на нејзиниот син. Неколку дена подоцна, таа слушала една радиоемисија во која Јеховините сведоци биле прикажани како „опасна секта“. Му пишала на Даниел, молејќи го веднаш да прекине секакви контакти со Сведоците. Меѓутоа, Даниел продолжил да напредува во своето проучување на Библијата и набргу направил подготовки да ја напушти армијата и да се врати во Франција.
Кога се вратил дома, Даниел секоја вечер ја поминувал во долги библиски дискусии со својата мајка — понекогаш до касно во ноќта. Конечно, таа се согласила да појде со Даниел во Салата на Царството. Кога присуствувала на нејзиниот прв состанок, била толку импресионирана што започнала своја редовна библиска студија. Рапидно напредувала и набргу се крстила.
Таткото на Даниел бил толерантен човек, но многу оддаден на своите професионални и религиозни дејности. Сепак, во една прилика ги одвезол сопругата и Даниел на обласен конгрес. Било 14. јули, денот на Бастилја, и тој планирал во градот да ја гледа парадата која се одржувала во таа чест. Додека чекал, чисто од љубопитност решил да ѕирне во конгресната сала. Бил импресиониран од редот и мирот што го забележал помеѓу Јеховиниот народ и ‚како што одел низ различните конгресни оддели, секој му се обраќал со „брате“. Тој потполно заборавил на парадата и останал до крајот на конгресот. Замолил за библиска студија и брзо напредувал во учењето на вистината. Меѓутоа, колку повеќе учел толку повеќе чувствувал непријатност од својата работа, па, на 58-годишна возраст ја напуштил својата служба. Сега, сите тројца во семејството се предадени и крстени, и обединето му служат на Јехова.
Библиската вистина била таа која го обединила семејството на Даниел. Таа може да ги обедини и другите семејства ако тие искрено ја учат и применуваат.