Објавителите на Царството известуваат
Ја следел својата библиски школувана совест
ИЗРАЕЛСКИОТ цар Давид се молел за Јеховина помош кога рекол: „Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме“ (Псалм 25:11). Бог го помилувал Давид затоа што ја зачувал својата беспрекорност. Јехова го благословил и Исус поради тоа што тој ја вршел волјата на својот небесен Татко, а благословил и едно момче од Колумбија кое ја следело својата библиски школувана совест и одлучило да ја врши Божјата волја. Овој млад човек раскажува:
„Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, бев ученик во едно католичко училиште. Меѓутоа, мојата совест ме вознемируваше додека присуствував на миса и затоа отидов кај директорот на училиштето (кој беше свештеник), кај советникот и кај надзорникот на мојата група и замолив да бидам изоставен од присуствување на миса. Иако ме ослободија, некои сепак се обидоа да ме присилат на тоа. Притисокот порасна непосредно после моето крштение како Јеховин сведок. Татко ми ми се закануваше дека ќе ме исфрли од дома доколку ме избркаат од училиштето, бидејќи ми испланирал универзитетско образование и стручна кариера.
Директорот ги повтори предупредувањата за оние кои нема да ги исполнуваат католичките должности. Кога пристигна времето за првата миса во годината, се сокрив додека не заврши. Потоа на наставникот (свештеникот) му дадов примерок од брошурата School and Jehovah’s Witnesses (Училиштето и Јеховините сведоци) и му реков дека како Јеховин сведок не можам да присуствувам на миса. Тој рече: ‚Ќе мораш да си побараш друго училиште‘. Знаев дека, ако ме избркаат од училиштето, татко ми ќе ме исфрли од дома. Сепак, му се молев на Јехова и продолжив на моите школски другари да им давам темелно сведоштво.
Дојде распустот. После тоа, кога повторно се вратив на училиште, пак дојде времето за миса. Директорот и останатите свештеници стоеја пред капелата, спремни да го слушнат исповедувањето. Се чувствував престрашено. Влегов и седнав, но совеста ме измачуваше. Кога почнаа со пеењето, си помислив: ‚Што барам јас овде? Јехова е мојот Бог. Не можам да бидам кукавица и да го предадам. Не смеам да го разочарам. Тој нема да ме напушти‘. Се молев за храброст. Потоа излегов од капелата и застанав во редицата за исповедање. Кога дојдов до директорот, му реков: ‚Наставнику, јас не дојдов да се исповедам‘. Тој рече: ‚Такво нешто и си претпоставував‘. Му реков дека сум спремен да ги поднесам последиците и дека мојата совест не ми дозволува да учествувам на миса. Не можам да одам против она што сум го научил од Библијата.
Се заѕвери во мене, се насмеа и рече: ‚Ти се восхитувам. Сите вие Сведоците сте достојни за восхитување. За вас, Бог е на прво место и спремни сте да ги послушате неговите закони па што и да се случи. Продолжи така и понатаму. Постапуваш многу добро. Јас би сакал сите католици да се како вас, да покажуваат таква ревност, таква љубов за Бог. Од денес ослободен си од учеството во нашите религиозни служби‘. Колку бев радосен! Јехова ја благослови мојата одлука да ја послушам својата библиски школувана совест.
Следниот ден директорот им рече на учениците: ‚Другите религии се пред нас. Зошто и ние не сме како нив ревни, со длабока љубов кон Бог и желба најнапред нему да му служиме? Тоа е нешто што треба да е во нашите срца‘.
На крајот директорот беше преместен во Рим, а новиот едноставно не се ни обѕрнуваше на тоа што јас не учествувам. Татко ми се исели од дома, оставајќи ми можност да ја остварам својата цел за полновремена служба по дипломирањето.“
Јехова го благословил овој млад човек кој ја следел својата библиски школувана совест. Така ќе ги благослови и сите оние кои бараат да ја вршат неговата волја (Изреки 3:5, 6).