Авраам — закопан овде, а сепак жив?
Со векови, Евреите, муслиманите и христијаните патувале до ова место.
Можеш да го посетиш во древниот град Хеброн, јужно од Ерусалим. Оваа конструкција е позната како Харем ел Калил или Гробница на патријарсите. Да, ова нашироко е прифатено како место каде што се закопани патријарсите Авраам, Исак и Јаков, како и нивните жени Сара, Ревека и Лија.
Библијата известува дека по смртта на неговата сакана жена, Сара, Авраам купил пештера за гробница и нешто земја во Макпела, близу Хеброн (1. Мојсеева 23:2-20). Подоцна, тука бил закопан и Авраам, како и останатите членови на неговото семејство. Со векови подоцна, во склоп на традиционалната гробница, Ирод Велики конструирал една впечатлива градба која со текот на времето била преправана и проширувана од освојувачите, одразувајќи ги нивните религиозни убедувања.
Над влезот се гледаат шест кенотафи (споменици или празни гробови). Сликата го прикажува гробот на Исак, Авраамовиот син. Покрај него се наоѓаат отвори во подот кои водат до подземните простории. Истражувачите откриле комори кои можеле да примат мноштво стари коски.
Што е со Авраам? Ако бил закопан во пештера која сега се наоѓа под ова место, тој со години е веќе мртов, зарем не? Повеќето посетители би се сложиле со ова. Сепак, еден пророк поголем од Авраам рекол дека, во извесна смисла, Авраам е сѐ уште жив. Како тоа? И, како може ова да влијае врз твојата вера?
Молиме прочитај ја статијата „Твоите сакани кои умреле — ќе ги видиш ли повторно?“ (страница 3). Во неа се објаснува што рекол тој голем пророк за тоа дека Авраам е жив. Тие информации можат да бидат од огромна корист за тебе и твоето семејство.