Религијата — табу тема?
„ПОСТОЈАТ две теми за кои никогаш не дискутирам: религија и политика!“ Тоа е чест одговор што го добиваат Јеховините сведоци кога им зборуваат на другите за Библијата. А гледиштето е сфатливо.
Кога луѓето дебатираат за политика, атмосферата може да се вжешти и да дојде до расправија. Многумина ги проценуваат празните ветувања и сфаќаат дека политичарите бараат само моќ, слава и пари. За жал, политичките разлики понекогаш доведуваат до насилство.
‚Но‘, можеби ќе си помислиш, ‚зарем не е исто и со религијата? Зарем религиозната ревност не ги распалила многуте конфликти на денешницата?‘ Во Северна Ирска, римокатолиците и протестантите долго време се борат едни против други. На Балканот, припадници на Источната православна црква, римокатолици и други, се борат за територија. Каков е резултатот? Ѕверства и понатамошна злоба.
Соочени со заканата на смртта, многумина се обидуваат да ги сокријат своите верувања и верувањата на своето семејство. Вековното религиозно непријателство во Африка, помеѓу луѓето на христијанството и припадниците на другите странски, а исто и етнички религии, ги поттикнало родителите на своите деца да им ставаат по две имиња кои ќе им даваат извесен степен на заштита — обичај кој преовладува денес. Така, еден млад дечко може да се претстави или како член на некоја црква или како припадник на друга религија, користејќи го само едното име. Ако религиозните верувања можат дотичниот да го чинат живот, тогаш не е ни чудо што тој одбива да разговара отворено за религијата.
За други, религијата е табу тема дури и кога животот не им е во опасност. Тие се плашат дека зборувањето за нивните верувања со некого од поинаква вера ќе доведе до некој бесмислен спор. А други, пак, веруваат дека сите религии се добри. Сѐ додека она во што верува лицето, го задоволува, да се зборува за разликите е само губење време, велат тие.
Дури и сериозните проучувачи на природата на религијата меѓусебно се разидуваат. Во статијата „Студија и класификација на религиите“, The New Encyclopædia Britannica признава: „Ретко . . . постоела еднодушност помеѓу научниците во врска со природата на [религијата] . . . Така, во текот на својата историја, темата содржела елементи на противречност“.
Еден речник ја дефинира религијата како „израз на човековата вера и длабоко почитување кон една натчовечка моќ призната како творец и владетел на универзумот“. Ова потсетува на важната улога што ја играла религијата во животот. Навистина, религијата била еден сеопфатен фактор во формирањето на човековата историја. „Не постоело општество“, забележува Oxford Illustrated Encyclopedia of Peoples and Cultures (Илустрирана енциклопедија на народи и култури, Оксфорд), „кое не барало начин да му даде ред и значење на животот преку некаков облик на религија.“ Вклучувајќи такви фундаментални работи, како што се „ред“ и „значење“ на животот, религијата сигурно заслужува нешто повеќе од само аргументирање и дебатирање. Таа попрво заслужува дискусија, односно темелно разгледување со некој друг. Но, со кого и какво добро може да произлезе од тоа?