Објавителите на Царството известуваат
Младите ја објавуваат добрата вест во Африка
КРАТКО по Исусовото воскресение, еден Африканец бил во посета на Ерусалим. Библијата не го известува неговото име. За него се знае само дека бил „властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници“. Зошто тој е споменат во Библијата? Затоа што еден ангел го упатил христијанскиот евангелизатор Филип да му ја објави „добрата вест за Исус“ (НС). Овој Етиопјанец е првиот Африканец за кого се известува дека станал член на христијанското собрание (Дела 8:26-39).
Денес во Африка има стотици илјади Јеховини сведоци. Тие ја користат секоја прилика за да ја споделат со другите добрата вест за Исус. Следниве искуства покажуваат дека дури и младите во Африка имаат удел во тоа.
◻ Сенди и Прија, две 11-годишни девојчиња од Најроби (Кенија), биле сосетки. Тие многу сакале да си играат и да си разменуваат книги со приказни. Родителите на Прија почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Сега Прија имала избор од нови книги што можела да ги придодаде кон својата збирка, вклучувајќи и една посебна книга што ѝ станала омилена, со наслов Listening to the Great Teacher (Да се слуша големиот учител), издадена од Друштвото Стражарска кула. Книгата ѝ ја дала на својата пријателка Сенди, па така двете девојчиња почнале редовно да ја проучуваат.
Меѓутоа, мајка ѝ на Сенди, Уна, ја посетувала Англиканската црква и не сакала ќерка ѝ да чита книги од Јеховини сведоци. И покрај нејзиното спротивставување, студијата продолжила. Еден ден Сенди ја замолила мајка си да ја слушне барем еднаш нивната дискусија. Поглавјето што го читале девојчињата тој ден било со наслов „Двајца луѓе кои славеле роденден“. Уна била импресионирана од она што го слушала. Брзо ѝ пришла на мајка ѝ на Прија, поставувајќи ѝ многу библиски прашања.
Мајка ѝ на Прија се погрижила некој Сведок да ја проучува Библијата со Уна. Наскоро и Уна почнала да ѝ го пренесува на својата колешка Доли она што го учела. Во меѓувреме, 11-годишната Прија продолжила да напредува и донела одлука да го симболизира своето предание на Јехова Бог, со тоа што се крстила на еден обласен конгрес на Јеховините сведоци. На истиот конгрес, на голема радост на Прија, се крстиле и Уна и Доли!
◻ Има некои африкански земји во кои делото на Јеховините сведоци не е регистрирано. Во една таква земја постои општа клима на толеранција кон религиозните активности и кон верувањата на Сведоците. Во едно училиште во таа земја, на едно 7-годишно момче и на неговото 6-годишно братче — чии родители се Сведоци — им било одобрено да не присуствуваат на религиозните молитви.
Еден ден, некој нов учител побарал и овие две момчиња да се молат заедно со другите деца. Постарото момче одбило и затоа учителот го истепал. Неговото помало братче, 6-годишниот Шадрак, побарал да разговара со директорот на училиштето во неговата канцеларија. Директорот и новиот учител го прашале зошто не сака да им се придружи на другите. Го прашале дали се плаши од тоа да не го истепаат родителите. На добар арапски јазик, тој одговорил: „Не, туку Богот што го обожавам јас не е Бог на безредие, туку Бог на редот. Јас не можам да бидам Јеховин сведок дома, а на училиште да припаѓам на некоја друга религија!“ Како резултат на тоа, тој бил ослободен.
Откако се крстил, Етиопјанецот што беше спомнат во книгата Дела, ‚радосно го продолжил својот пат‘ (Дела 8:39). Слично и денес, објавителите на Царството на огромниот континент Африка се радуваат на предноста да ‚ја објавуваат добрата вест за Исус‘ (Дела 8:35, НС).