Објавителите на Царството известуваат
‚Тие продолжиле без престанување‘
УШТЕ од времето на Исус Христос и неговите апостоли, религиозните водачи ги користеле сите можни средства во своите настојувања да го спречат проповедањето на добрата вест за Божјето Царство. На апостолите им било секогаш одново и строго ‚забранувано‘ од страна на локалните власти во Ерусалим, да зборуваат „за името Исусово“ (Дела 5:27, 28, 40). Меѓутоа, библискиот извештај вели дека ‚словото Божјо растело, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемувал‘ (Дела 6:7).
Два милениума подоцна, сѐ уште можеме да видиме како религиозните водачи во Израел влијаат на локалните власти за да го осуетат делото на вистинските христијани во таа земја. Под притисокот што го вршат екстремните религиозни елементи, во ноември 1987, локалните власти во Тел Авив (Израел), им наредиле на Сведоците да прекинат со одржувањето на христијанските состаноци во Салата на Царството, која се наоѓа во склоп на подружницата на Стражарска кула. Наредбата стапила на сила во октомври 1989. Па така, три години Сведоците се состанувале во закупени објекти во таа област, додека нивната Сала на Царството останала речиси неискористена.
Во меѓувреме, случајот бил доставен до Израелскиот врховен суд. Државниот обвинител ги прегледал доказите што биле изнесени од страна на Сведоците и изјавил дека нивната жалба ќе биде прифатена бидејќи наредбата се темелела на очигледна предрасуда. Така, локалните власти немале друг избор освен да ја повлечат својата одлука, а Јеховините сведоци радосно се вратиле во својата Сала на Царството.
Дали делото на проповедање на библиските вистини претрпело некакво назадување во текот на тие години? Апсолутно не! Во времето на затворањето на Салата на Царството, во Тел Авив имало две собранија и една одвоена студиска група во соседниот град Лида. Три години подоцна, кога Салата на Царството била повторно отворена, Јеховините сведоци се поделиле на четири собранија и една нова студиска група која се состанувала во Вирсавија.
Порастот во Израел не е ограничен само на главните јазични групи — арапски и хебрејски. Има огромен прилив на емигранти од поранешниот Советски сојуз, па така Јеховините сведоци кои зборуваат руски, сега се зафатени во споделувањето на добрата вест со нив. Некои состаноци на руски јазик се одржуваат во три собранија; а неодамна, на рускиот конгрес се собраа повеќе од сто луѓе.
Несомнено, пристрасните религионисти ќе продолжат со својата кампања против вистинското обожавање. Но, објавителите на Царството продолжуваат да ги имитираат христијаните од првиот век кои, и покрај противењето, ‚продолжиле без престанување‘ (Дела 5:42).