„Не се ставајте во нееднаков јарем“
ДВАТА вола што се насликани овде имаат огромна сила со која можат без голем напор да влечат тешки товари. Но, замисли си дека едниот вол е заменет со магаре. Бидејќи магарето е помало и послабо од волот, најверојатно ќе се побуни и ќе ја оттргне запрегата што го држи во тој нееднаков јарем. Значи, со добра причина Божјиот закон за Израел наведувал: „Да не ораш со јунец и осел заедно“ (5. Мојсеева 22:10).
Апостол Павле напишал нешто слично во врска со луѓето. Тој рекол: „Не се ставајте во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринтјаните 6:14, НС). Ова треба да се има на ум особено тогаш кога се избира брачен другар. Бракот е трајна врска, врз основа на тоа што Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6). Ако венчаната двојка нема исти религиозни верувања, начела и цели, ќе се појават длабоки болки. Затоа е сосема разумно да се следи библискиот совет да се стапува во брак „само во името на Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Склопувањето брак со некој што не припаѓа на истата религија, ќе создаде многу поголем проблем отколку што е впрегнувањето на вол со магаре.
Разликата во религиозните верувања е само еден фактор кој може да биде причина брачната двојка да биде во нееднаков јарем. Идните брачни партнери — дури и да се од иста вера — ќе сторат добро ако се запрашаат: ‚Дали имаме исти цели? Каде ќе живееме? Кој ќе управува со парите? Дали и двајцата ќе работиме? Ќе имаме ли деца? Дали нашата врска ќе биде водена од љубезност и обѕирност?‘
До извесен степен, начинот на кој се дискутира за овие прашања може да биде показател дали јаремот ќе биде еднаков или нееднаков. Се разбира, не постојат две личности кои потполно се сложуваат. Па сепак, ако младичот и девојката во периодот на додворување можат заеднички да се соочат со проблемите и да ги решат и ако можат да одржат отворени линии на комуникација, сосема е веројатно дека тие нема да бидат во нееднаков јарем.