‚Јас сум драгоцен за Јехова!‘
ВО ОВИЕ ‚тешки времиња‘, многумина верни слуги на Јехова водат постојана битка со чувства на безвредност (2. Тимотеј 3:1). Тоа не е за изненадување, бидејќи едно од Сатановите „лукави дела“ е да нѐ натера да се чувствуваме дека не сме сакани, па дури ниту од нашиот Творец! (Ефесјаните 6:11, НС, фуснота). Соодветно на тоа, изданието на Стражарска кула од 1 април 1995 година содржеше две статии за собраниска студија: „Во Божји очи ти си драгоцен!“ и „Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела — Како?“ Овие статии беа наменети да нѐ потсетат дека Јехова многу ги цени нашите напори. Следуваат неколку коментари на ценење што ги добивме:
„Никогаш досега во моите 27 години како Јеховин сведок не ме трогнало некое списание толку многу. Не можев а да не заплачам — овие статии ми донесоа толкаво олеснување. Сега се чувствувам толку сакана од Јехова. Како да ми се симна некое огромно бреме од рамењата“ (Ш. Х.).
„Ова списание го прочитав четири пати во еден ден. Уживав во начинот на кој статијата наведува дека ти си бил научен на лага доколку мислиш дека немаш никаква вредност. Оваа статија ќе ја употребувам за пастирење и за проповедање од врата до врата“ (М. П.).
„Сатана направил нешто извонредно штом ги навел дури и оние кои го сакаат Јехова да се чувствуваат безвредни и недостојни за љубов. Тоа што класата на ‚верниот и разумен роб‘ нѐ потсетува дека Јехова многу нѐ сака и дека ги цени сите мали работи што ги правиме за него, е една од најохрабрувачките работи што досега сум ги прочитала. Многу години ги имав чувствата за кои вие зборувавте во овие статии. Никогаш не сум се чувствувала достојна за Јеховината љубов и затоа се трудев да правам што е можно повеќе во неговата служба за да ја заслужам таа љубов. Но, мојот мотив за тоа беше вината и срамот. Па затоа, сеедно колку часови поминував во службата или на колку луѓе сум им помогнала, секогаш мислев дека тоа не е доволно. Го гледав само недостатокот во мене. Сега, кога му служам на Јехова од љубов, го замислувам како тој се насмевнува и дека е горд на мене. Тоа предизвикува мојата љубов кон него уште повеќе да изобилува и ме тера да сакам да правам повеќе. Сега доживувам огромна радост од мојата служба за Јехова“ (Р. М.).
„Ова се апсолутно најпрекрасните, најизградувачките, да, извонредни статии што ги трогнуваат нашите срца и какви што некогаш воопшто сум читал! Стражарска кула ја читам веќе 55 години и имало многу изданија кои биле пресвртници. Но, ова издание надминува сѐ што досега сме имале за смирување на нашите сомневања, загрижености и стравови дека сме ‚безвредни‘ и ‚несакани‘ и дека никогаш не можеме да сториме доволно за да ја ‚заслужиме‘ Јеховината љубов. Оваа Стражарска кула содржи токму таков вид на духовна помош каков што очајнички им е потребен на нашите браќа. Имам намера секогаш да ги користам овие статии кога ќе одам во пастирење“ (Ф. К.).
„За оние меѓу нас кои се борат со недостиг на самопочитување или дури со чувства на гнасење од самиот себе, може да биде толку тешко да ги соберат своите сили за да продолжат во вистината. Оваа статија одразува толку длабоко сочувство и разбирање, како да беше применет некој ублажувачки, лековит мевлем, директно во самото срце. Колку само е утешно да се прочитаат такви зборови во Стражарска кула и да се знае без никакво сомневање дека Јехова нѐ разбира! Ви благодарам што нѐ потсетувате дека Јехова не се обидува да го мотивира својот народ преку чувства на вина, срам или страв. Иако мојот придонес кон делото на проповедање во последно време беше строго ограничен поради финансиски и здравствени проблеми во нашето семејство, јас сепак сум задоволна со она што можам да го направам. Мислам дека сум многу посреќна во службата кога дозволувам моја двигателна сила да биде љубовта“ (Д. М.).
„Штотуку го завршив читањето на статијата ‚Во Божји очи ти си драгоцен!‘ На секој пасус ми навираа солзи на очите. Потекнувам од семејство во кое се покажуваше малку љубов. Бев омаловажуван, задеван и исмејуван. Затоа, уште рано во животот се чувствував безвреден. Сѐ уште носам вкоренети чувства од моето минато кои ме соборуваат кога ќе доживеам неволја. Кога престанав да служам како собраниски старешина, се чувствував промашено како и обично — пред Бог, пред моето семејство и пред браќата во собранието. Овие чувства не исчезнуваат преку ноќ, но оваа навремена статија ми помогна да ми се врати извесна мерка на урамнотеженост. Таа го осветли мојот видик“ (Д. Л.).
„Ви благодарам за статијата ‚Во Божји очи ти си драгоцен!‘ Се борам со силна самоомраза и со длабоки чувства на безвредност кои имаат корења уште откако бев злоупотребена во детството. Сосема е на место ова искривено гледиште да се смета за лукаво дело на самиот Сатана. Тоа може дури и да му ја уништи волјата на човека за живот. Навистина морам секој ден да се напрегам за да се спротивставувам на лагата дека не сум достојна за љубов. Оваа статија ми значи многу повеќе отколку што можеби си помислувате“ (К. Ф.).
„Браќата денес особено реагираат на мислата дека Јехова ги цени делата кои се мотивирани од љубов, а не од принуда или од присила. Разгледувањето на Јеховината срдечна и наклонета личност, на неговиот интерес за својот народ како поединци и на љубезниот начин на кој самиот се раширува, влијае освежувачки и мотивирачки. Со оглед на ова, штом ја добивме статијата ‚Во Божји очи ти си драгоцен!‘, многумина изразија ценење. Се чини дека се отвора патот за мнозина да развијат еден уште поблизок однос со Јехова. Мојата сопруга и јас сакаме да изразиме ценење за тонот и чувствителноста во најновите списанија на Стражарска кула. Работиме на тоа да примениме многу од овие точки додека ги посетуваме собранијата“ (Од еден покраински надгледник).
„Верна читателка сум скоро 30 години, но никогаш не сум прочитала нешто толку инспирирачко, толку поткрепувачко. Силните и вешто применети библиски стихови ми помогнаа да ги искоренам лагите што се сокриле во моите чувства и ми овозможија уште повеќе да му се приближам на Јехова. Веќе многу години му служам на Јехова од чувство на вина. Имав само умствено разбирање за откупнината и за Божјата љубов. Ви благодарам за таквите проникливи и обмислени статии. Се надевам дека ќе прочитам уште многу такви“ (М. С.).
„Во сиве мои 29 години колку што сум во вистината, не можам да се сетам кога некоја статија кај мене предизвикала толкава реакција на благодарност и длабоки чувства. Иако сум одгледана со многу љубов и во едно грижливо семејство, никогаш не сум се чувствувала достојна да живеам, а камоли да му служам на Јехова. После оваа статија, клекнав на колена и со длабоко липање му заблагодарив на Јехова. Засекогаш ќе ја ценам оваа статија. На себе ќе гледам поинаку затоа што сега го имам разбирањето дека јас сум драгоцена за Јехова“ (Д. Б.).