Прашања од читателите
Зошто Арон не бил казнет поради тоа што го направил златното теле?
И покрај неговата повластена положба, Арон имал и свои недостатоци. Во текот на првиот Мојсеев 40-дневен престој на гората Синај, ‚народот се собрал пред Арона, и му рекол: „Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек — со Мојсеја, кој нѐ изведе од земјата Египетска“‘ (2. Мојсеева 32:1). Арон се согласил и соработувал со овие бунтовници во правењето на статуа на златно теле (2. Мојсеева 32:2-6). Подоцна, кога Мојсеј се соочил со Арон, овој дал слабо оправдување (2. Мојсеева 32:22-24). Меѓутоа, Јехова не го издвоил Арон како главен престапник, туку му рекол на Мојсеј: „Но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам“ (2. Мојсеева 32:9). Мојсеј ја довел работата до разврска, извикувајќи: „Кој е Господов [на Јеховината страна, НС], нека дојде при мене!“ (2. Мојсеева 32:26). Се оѕвале сите синови Левиеви, а меѓу нив несомнено и Арон. Тие заклале три илјади идолопоклоници, веројатно главни поттикнувачи на бунтот (2. Мојсеева 32:28). Меѓутоа, подоцна Мојсеј ги потсетил останатите луѓе дека и тие сноселе вина (2. Мојсеева 32:20). Затоа, Арон не бил единствениот кој добил Божја милост. Неговите натамошни постапки покажале дека тој, во длабочината на срцето, не се согласувал со идолопоклоничкото движење, туку едноставно попуштил на притисокот од бунтовниците (2. Мојсеева 32:35). Јехова покажал дека Арон добил простување така што го задржал како важечко неговото наименување за првосвештеник (2. Мојсеева 40:12, 13).
Откако лојално го поддржувал својот помлад брат низ многуте тешки доживувања и откако Мојсеј како Божји претставник кратко пред тоа го поставил за првосвештеник, Арон немудро ѝ се придружил на сестра си Маријам во критизирањето на Мојсеј поради тоа што се оженил со една Кушитка и на тој начин тие го довеле во прашање Мојсеевиот единствен однос и положба кај Јехова Бог, велејќи: „Само на Мојсеја ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Он и нам?“ (4. Мојсеева 12:1, 2). Јехова брзо презел акција, ги извел тројцата пред себе пред шаторот на состанокот и строго ги укорил Арон и Маријам поради непочитувањето на Божјето наименување. Фактот дека само Маријам била удрена со лепра, би можел да ја означи како подбуцнувач на постапката и да покаже дека Арон повторно покажал слабост со тоа што бил наведен да ѝ се придружи. Меѓутоа, доколку и Арон на сличен начин бил удрен со лепра, тоа би го направило неважечко неговото наименување како првосвештеник, во склад со Божјиот закон (3. Мојсеева 21:21-23). Неговиот исправен став на срцето се покажал со тоа што веднаш се исповедал и се извинил поради лудоста на нивната постапка и со тоа што очајно го преколнувал Мојсеј да се заземе во корист на лепрозната Маријам (4. Мојсеева 12:10-13).
Арон повторно ја делел одговорноста за еден грев кога, заедно со Мојсеј, пропуштиле да го посветат Бог и да му оддадат чест пред собранието, во случајот кога се работело за снабдување со вода кај Мерива во Кадес. Поради оваа постапка, Бог решил ниеден од нив двајцата да не ја ужива предноста да го доведе народот во Ветената земја (4. Мојсеева 20:9-13).
Значајно е тоа што во секое од овие три отстапувања, Арон не се појавува како главен иницијатор на погрешното постапување, туку напротив, изгледа дека дозволил притисокот на околностите или влијанието од другите да го наведат да скршне од патот на чесноста. Особено при неговиот прв престап, тој можел да го примени начелото на кое почивала заповедта: „Не оди со мнозинството на зло“ (2. Мојсеева 23:2). Сепак, неговото име подоцна е употребено во Светото писмо на начин достоен за почит, а за време на својата земна служба, и Божјиот Син ја признал легитимноста на аронското свештенство (Псалм 113:18, 20; 117:3; 132:1, 2; 134:19; Матеј 5:17-19; 8:4).
Дали Исус во својата илустрација за богаташот и Лазар се осврнал на рабинските верувања во врска со мртвите?
Во некои случаи, професорите и студентите по компаративна религија укажувале на тоа дека, кога Исус Христос ја дал оваа илустрација, тој се осврнал на древното рабинско сфаќање и учење за подземниот свет. За тогашното сфаќање на фарисеите во врска со ова, Јосип ја дава следната информација: „Тие веруваат дека душите имаат моќ да ја преживеат смртта и дека има награди и казни под Земјата за оние кои живееле доблесно или порочно: вечниот затвор е судбина на злите души, а за добрите души — лесен премин во еден нов живот“ (Еврејски старини, XVIII, 14 [i, 3]). Меѓутоа, Исус одлучно ги одбивал лажните учења, вклучувајќи ги и оние на фарисеите (Матеј 23). Затоа, за него би било недоследно својата илустрација за богаташот и Лазар да ја изгради врз основа на лажното рабинско сфаќање за подземниот свет. Според тоа, мора да се заклучи дека Исус го имал на ум исполнувањето на илустрацијата, така што нејзините детали и дејствието ги изградил во склад со фактите за исполнувањето, а не според некакво небиблиско учење.
Контекстот и стилот на приказната јасно покажуваат дека тоа е парабола, а не некаков историски извештај. Ниту се велича сиромаштвото ниту се осудува богатството. Напротив, очигледно се укажува на однесувањето, на конечните награди и на еден пресврт во духовниот статус, односно состојбата на оние коишто се претставени преку Лазар и богаташот. Фактот дека браќата на богаташот ги отфрлиле Мојсеј и пророците, исто така, покажува дека илустрацијата имала подлабоко значење и цел отколку да се споредува сиромаштијата со поседувањето на богатство.