Откаде ја добиваат својата сила?
АКО внимателно ја погледнеш пеперутката што е на оваа фотографија, ќе видиш дека едно од нејзините четири крилца е сосема неупотребливо. Сепак, пеперутката и понатаму се храни и лета. Овој случај не е единствен. Било видено како пеперутките си ја извршуваат својата дневна активност дури и тогаш кога им недостасувале 70 проценти од површината на нивните крилца.
Слично на тоа, многу луѓе покажуваат цврст дух. Иако страдаат од тешки физички и емоционални проблеми, тие не се предаваат. (Спореди 2. Коринтјаните 4:16.)
И самиот апостол Павле претрпувал големи тешкотии додека траеле неговите мисионерски патувања. Тој бил бичуван, тепан, каменуван и затворан. Освен тоа, тој страдал и од некој облик на немоќ, можеби проблем со очите, кој му бил постојан ‚трн во телото‘ (2. Коринтјаните 12:7—9; Галатјаните 4:15).
Еден христијански старешина по име Давид, кој неколку години се борел со жестоки напади на депресија, верува дека Јеховината сила била пресудна за да се опорави. „Многупати, тешкопостигнатиот напредок како да пропаѓаше“, објаснува тој. „Соочен со такво обесхрабрување, му се препуштав на Јехова, а тој навистина ме поддржа. Имаше прилики кога непрестајно се молев со часови. Кога зборував со Јехова, моите чувства на осаменост и бескорисност исчезнуваа. Се борев со периоди на огромна слабост, но благодарение на Јехова, од оваа слабост произлезе сила — па дури и сила за да им помагам на другите.“
Јехова Бог го зајакнал Павле. Затоа тој можел да рече: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Коринтјаните 12:10). Да, слабоста на Павле го научила да се ослони на силата што ја дава Бог. „За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“, рекол апостолот (Филипјаните 4:13, НС). Секако дека Јехова ги оспособува своите слуги.