Поранешниот судија се извинува — после 45 години
ВО АВГУСТ 1995 година, во една судска сала во Берлин, еден поранешен судија при Врховниот суд, на еден Јеховин сведок му го изрази своето жалење за неправдата што ја извршил пред 45 години.
Во октомври 1950 година, Врховниот суд на Демократска Република Германија (ДРГ) прогласи деветмина Јеховини сведоци за виновни за антидржавна агитација и шпионажа. Двајца беа осудени на доживотен затвор, а другите седуммина — вклучувајќи го и 22-годишниот Лотар Херниг, на фотографијата четвртиот обвинет оддесно — добија долгогодишни затворски казни.
Четириесет години подоцна, ДРГ стана дел од Сојузна Република Германија. Оттогаш, службените лица истражуваа некои од неправдите што биле направени во поранешна ДРГ и се обидоа да ги изведат пред суд одговорните. Една таква неправда беше судењето на Сведоците пред Врховниот суд во 1950 година.
Алфред Трап, сега на 80 години, беше еден од тројцата судии кои ја донесоа пресудата кога деветмината Сведоци беа изведени на суд. Сега обвинет за извртување на правдата, тој се појави пред Окружниот суд во Берлин за да ја објасни својата одлука.
Во својата изјава пред судот, поранешниот судија призна дека пред 45 години гласал да се пресуди дека Херниг е виновен, иако застапувал полесни казни. Но, случајот го натерал да размисли повторно. Зошто? Јеховините сведоци беа прогонувани од нацистите за време на Втората светска војна затоа што одбиваа да го поддржуваат Хитлер. По војната, Сведоците повторно беа прогонувани, овој пат од комунистичкиот режим. Тоа го натерало Трап да биде „длабоко потресен“.
Лотар Херниг рече пред судот дека поминал пет и пол години затвор во самица и дека не бил ослободен од Бранденбуршкиот затвор сѐ до 1959 година. Кога ја слушна изјавата на Херниг, поранешниот судија се расплака. „Многу ми е жал“ — липаше тој. „Ве молам, простете ми.“ Херниг го прифати извинувањето. (Спореди Лука 23:34.)
[Извор на слика на страница 32]
Neue Berliner Illustrierte