„Сите ние припаѓаме на исто семејство“
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години, верските предрасуди и расизмот се раширија по целата Земјина топка. Етничките разлики разгоруваа убивања, мачење и други срамни ѕверства. Според еден извештај на Амнести Интернешенел, повредите на човековите права во 1994 година принудија преку 23 милиони луѓе ширум светот да бегаат од своите домови.
Само во Руанда беа исклани околу 500.000 луѓе, а повеќе од 2.000.000 други лица станаа бегалци, откако избувна насилството помеѓу Тутси и Хуту. „Јеховините сведоци беа особено прогонувани“ — известува белгискиот весник Le Soir — „поради нивното одбивање да земат оружје.“ Јеховините сведоци не се ангажираат во вооружени конфликти. Меѓутоа, стотици од нив беа убиени во насилството. Ова нѐ потсетува на Исусовите зборови до своите ученици: „Бидејќи не сте [дел, НС] од светот . . . светот и ве мрази“ (Јован 15:19).
Едно семејство Сведоци — Ежен Нтабана, неговата сопруга и двете деца — живееја во главниот град Кигали. Кога на своите соседи им ја објаснуваше христијанската неутралност Ежен честопати зборуваше за бугенвилија, едно растение ползач што успева во топла клима (Матеј 22:21).
„Овде во Кигали“ — објаснуваше Ежен — „бугенвилијата раѓа црвени, розови и понекогаш бели цветови. Сепак, сите тие припаѓаат на истото семејство. Исто е и со луѓето. Иако можеби сме од различни раси, боја на кожата или етничко потекло, сите ние припаѓаме на исто семејство — на семејството на човештвото.“
Трагично е тоа што и покрај нивната мирољубива природа и неутралниот став, семејството Нтабана беше убиено од една крвожедна толпа. Сепак, тие умреа верни. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова Бог ќе го исполни своето ветување спрема таквите и дека ќе бидат воскреснати за да наследат еден свет каде што повеќе ќе нема предрасуди (Дела 24:15). Тогаш, семејството Нтабана, заедно со други, „ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).