Користи од спокојното срце
СОВРЕМЕНАТА медицинска наука одамна знаела дека неконтролираниот гнев има штетно дејство врз човечкото тело. Пред повеќе од сто години, The Journal of the American Medical Association (JAMA), рекол: „Човек паѓа мртов во налет на гнев и се вели дека можеби имал слабо срце кое не можело да ја издржи напнатоста што му ја наметнала неговата душевна состојба. Изгледа никој не помислува дека тоа е само кулминацијата на една долга низа такви налети на бес, кои самите ја предизвикале слабоста за која станува збор“.
Горните зборови не ги изненадуваат проучувачите на Божјата Реч, Библијата. Околу 29 векови пред JAMA да проговори за опасностите од лошата нарав, цар Соломон бил инспириран да напише: „Кроткото срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Овие зборови важат и денес.
Со одржување на мирно расположение, поштедени сме од многуте болести кои честопати се поврзани со стрес, како што е зголемен крвен притисок, главоболки и проблеми со дишењето. Меѓутоа, освен подобрено здравје, нашите односи со другите ќе извлечат корист ако тежнееме да ‚престанеме да се гневиме и ја оставиме јароста‘ (Псалм 36:8). Луѓето биле природно привлекувани кон Исуса поради неговиот благ карактер и искрената грижа спрема нив (Марко 6:31—34). На сличен начин, и ние ќе бидеме извор на освежување за другите ако негуваме спокојно срце (Матеј 11:28—30).