Уште една победа за Јеховините сведоци во Грција
НА 6 октомври 1995 година, тричлениот суд за прекршоци во Атина ја сослуша парницата во врска со двајца полновремени слуги на Јеховините сведоци. Обвинението беше прозелитизам, а тужбата ја поднесе еден полициски службеник откако Сведоците го посетија неговиот дом.
Прашањата што ги поставуваше претседавачкиот судија покажаа дека беше многу заинтересиран за делото на Јеховините сведоци. На пример, тој праша: „Колку долго го вршите ова дело? Како постапуваа луѓето со вас низ годините? Каков беше одѕивот на вашето дело? Што им велите на луѓето на нивните врати?“ Сите присутни во судницата внимателно го слушаа извонредното сведоштво што беше дадено.
На големо изненадување на Сведоците, дури и обвинителот зборуваше во нивна полза. „Јеховините сведоци го имаат уставното право не само да веруваат и да го обожаваат својот Бог“ — забележа тој во својот завршен говор — „туку и да ја шират својата вера од врата до врата, на јавните плоштади и на улиците, па дури и да ја дистрибуираат својата литература бесплатно, доколку тие сакаат така.“ Обвинителот наведе разни одлуки за ослободување, издадени од судовите и од државниот совет. Тој исто така се осврна на случајот Кокинакис против Грција, кој Европскиот суд за човекови права го реши во полза на Јеховините сведоци.a „Молам да забележите“ — предупреди обвинителот — „дека Грција плати дури и парична казна во тој случај. Затоа, треба да бидеме многу внимателни кога сме повикани да судиме вакви случаи. Всушност, овие случаи никогаш не треба веднаш да се изнесуваат на суд.“
По говорот на обвинителот, на адвокатот на Јеховините сведоци не му остана многу да зборува. Меѓутоа, тој ја искористи приликата да нагласи дека законот за прозелитизам е противуставен и дека ја доведува Грција во неприлики во меѓународни размери.
Претседавачкиот судија само погледна во останатите двајца судии, и братот и сестрата едногласно беа ослободени. Судењето, што траеше еден час и десет минути, претставуваше победа и за Јеховиното име и за неговиот народ.
Ова е четврто ослободување во врска со случаи на прозелитизам откако Европскиот суд за човекови права го разгледа случајот Кокинакис. Јеховините сведоци во Грција се радуваат што проблемите во врска со нивното проповедање сега практично не постојат и што можат непречено да продолжат со делото.
[Фуснота]