‚Кај Бога ќе се засолнам‘
ВО ОВИЕ ‚тешки времиња‘, искушенијата и притисоците се сѐ поголеми. Нашата чесност, на пример, може да биде испитана на работното место. Нашата невиност може да биде испитана меѓу училишните другари. А нашиот интегритет честопати е ставен на испит од страна на морално расипаниот свет (2. Тимотеј 3:1—5).
Библискиот писател Асаф исто така живеел во време кога злобата цутела. Некои од неговите современици дури и се фалеле во врска со своето безбожно однесување. „Вообразеноста им служеше како ланче“ — напишал Асаф. „Насилството ги обвива како облека. Тие се потсмеваат и зборуваат за она што е лошо; за измамата зборуваат со возвишен стил“ (Псалм 73:6, 8, НС). Дали овој став ти звучи познато?
За оние кои посакуваат да го прават она што е исправно, таквото однесување е многу вознемирувачко, па дури и обесхрабрувачко. „Се мачев по цел ден“ — се жалел Асаф — „тоа беше мака во моите очи“ (Псалм 73:14, 16, НС). Можеби се чувствуваш слично, но не очајувај! Асаф бил во можност да излезе на крај со злобата од своето време, а и ти можеш да постапиш слично. Но, како?
Асаф сфатил дека е скоро невозможно да се најде вистинската правда под несовршеното владеење на човекот (Псалм 145:3, 4; Изреки 17:23). Така, наместо да го троши своето скапоцено време, енергија и средства обидувајќи се да ја отстрани сета злоба околу себе, тој се сосредоточил на својот однос со Бог. Асаф изјавил: „А што се однесува до мене, добро е за мене да му се приближам на Бог. Кај Суверениот Господ Јехова го ставив своето прибежиште“ (Псалм 73:28, НС).
Денес, оние кои се впуштаат во расипани деловни постапки, честопати уживаат материјални предности. Мнозина дури и се фалат со своето занемарување на Божјите морални закони. Но, тие нема бесконечно да преовладуваат. „Ти сигурно ги поставуваш на лизгаво тло“ — забележал Асаф. „Ти си направил да паднат во урнатини“ (Псалм 73:18, НС).
Да, во Божје време, лукавството, насилството и расипаноста, како и сите други безбожни постапки коишто мораат да ги избегнуваат вистинските христијани, ќе бидат отстранети. Библијата ветува: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата“ (Псалм 36:29). Во меѓувреме, да ги одгласуваме зборовите на псалмистот кој рекол: „Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него [кај него ќе се засолнам, НС]“ (Псалм 17:2).