Тие стоеја цврсто среде нацистичкото прогонство
БЕСТРАШНИОТ интегритет на Јеховините сведоци во нацистичка Германија се истакнува во остар контраст во однос на позицијата што ја заземаа црквите на христијанскиот свет. Тоа го забележал Џон Вајс, професор по историја, во својата книга Ideology of Death (Идеологија на смртта). Тој пишува:
„Во 1934, Евангелската црква инсистираше на тоа дека ‚лутеранството мора да му изрази добредојде на нацизмот‘ и му благодареше на ‚Господ Бог‘ што им дал на Германците еден ‚побожен и доверлив врховен господар‘ . . . Еден протестантски бискуп на своето свештенство му напиша: ‚[Хитлер] ни е пратен од Бога‘ “. Вајс продолжува: „Германската Методистичка црква . . . се сложи со бискупот Дибелиус дека Хитлер ја спасил Германија од неизбежна болшевичка револуција, донесувајќи мир и стабилност . . . Мормонската црква ги советуваше своите верници дека спротивставувањето на Хитлер е повредување на мормонскиот закон“. Тој додава: „На католиците им беше речено дека е света должност да ја слушаат новата држава, должност која никогаш не беше повлечена, дури и откако на свештенството му беше познат сиот ужас на исток“.
Но, што е со Јеховините сведоци? Професор Вајс истакнува дека „како група, само Јеховините сведоци им се спротивставија на нацистите. Илјадници од нив беа затворени, продолжува професор Вајс, а сепак секој Сведок што беше испратен во концентрационен логор можеше да биде пуштен едноставно ако потпишеше една хартија со која се откажува од својата вера“.
Во врска со интегритетот на Јеховините сведоци, професор Вајс коментира: „Нивниот пример ја илустрира единствената тврдоглава и херојска моќ што ја имало раното христијанство, пред институционализирањето и приврзаноста кон општествениот ред да ја надвладеат желбата да се води бескомпромисен живот. Како што напишал еден протестантски пастор за нив, ‚не големите цркви, туку овие клеветени и исмејувани луѓе беа тие кои први застанаа против бесот на нацистичкиот демон и кои се осмелија да се спротивстават согласно на својата вера‘ “.