Објавителите на Царството известуваат
Младите го фалат Бог во Демократска Република Конго
ПРЕД многу векови, псалмистот срдечно ги поканил младите да се придружат во фалењето на Царот на вечноста: „Момчиња и девојки, старци со децата . . . сите нека го фалат името на Господа; зашто само Неговото име е возвишено“ (Псалм 148:12, 13). Следниве искуства од Демократска Република Конго ја истакнуваат оваа неспоредлива предност.
• Сопственикот на куќата во која живеел еден специјален пионер, бил поволно импресиониран од однесувањето на Јеховините сведоци. Затоа, им дозволил на Сведоците да ја проучуваат Библијата со неговата петгодишна ќеркичка Фифи. Откако го набљудувал напредокот на Фифи во проучувањето на Моја книга со библиски приказниa‚ татко ѝ ѝ дозволил да присуствува на состаноците во Салата на Царството. Таму, малечката Фифи научила песни на Царството од песнарката на Сведоците. Особено ѝ се допаднала песната број 4, со наслов „Божјиот ветен рај“.
Еден ден, таткото на Фифи решил да ја одведе во својата црква. На изненадување на сите, Фифи одбила да ги пее црковните песни. Зошто? Затоа што мислела дека песните што се пееле во црквата на татко ѝ не се во склад со она што го научила од својата библиска студија. Наместо тоа, смело ја испеала својата омилена песна на Царството.
После повеќе безуспешни обиди да ја предомислат, црковните водачи одлучиле да ја екскомуницираат петгодишната Фифи! И покрај ова лошо постапување, татко ѝ останал смирен. Бил горд што Фифи имала заземено цврст став за она во кое верува. Таткото и мајката на Фифи сакаат таа да продолжи да се дружи со Јеховините сведоци.
• Кога еден тинејџер по име Лукоди решил да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, татко му многу се противел. Во една прилика, кога Лукоди се спремал да оди на состанок во Салата на Царството, татко му му се заканувал со една мачета. Во една друга прилика, таткото го удрил Лукоди со еден стап, нанесувајќи му длабока рана на грбот. И покрај жестокото противење, Лукоди останал цврст во својата решеност да стане Јеховин сведок. Продолжил да напредува и се крстил. Сега служи како општ пионер.
Сона, помладата сестра на Лукоди, била толку импресионирана од ставот на брата си што и таа почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Меѓутоа, за да ја спречи во проучувањето, татко ѝ ја испратил на училиште во едно друго село каде што немало Сведоци. И покрај тоа, Сона си вовела навика да им зборува на другите за работите што ги научила. Како резулатат од тоа, братучетка ѝ исто така се заинтересирала.
Кога Сведоците од едно соседно село чуле за проповедничката активност на Сона, ја посетиле и средиле таа да има редовна домашна библиска студија. Продолжила да напредува и наскоро му се придружила на својот брат како предаден, крстен Сведок на Јехова. Освен тоа, нејзината братучетка сега е некрстен објавител, и во ова село се води студија на книга.
Колку само е прекрасно и освежувачки кога младите луѓе се придружуваат во фалењето на името на Јехова!
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.